Во салонот на Mercedes-Benz пристигна новиот CLE Coupé – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Во салонот на Mercedes-Benz пристигна новиот CLE Coupé

Верувале или не, CLE Coupe е сосем нов модел во понудата на Mercedes-Benz – но всушност заменува два постоечки модели.

Новиот CLE е всушност нов модел на Mercedes-Benz, замислен да ги замени C-Class Coupe и E-Class Coupe, но и нивните соодветни кабриолет изведби.

Кај CLE доминираат визуелни детали кои директно асоцираат и на C-Class и на E-Class, но несомнено повеќе наликува на помалиот автомобил – и тоа воопшто не е лоша работа. Едно купе треба да биде покомпактно и подинамично, а асоцијацијата со C-Class се должи највеќе на поострата предница и потесната предна решетка. Профилот е динамичен и чист, со остри карактерни линии. На задниот дел светлосните елементи се спојуваат во една целина. Секако, бидејќи зборуваме за купе, вратите се без рамки а целата силуета е ниска и динамична. Како што треба!

Кабината е помалку или повеќе идентична како онаа во C-Class – а тоа значи голем 12.3-инчен дисплеј наменет за инструментите пред возачот, како и 11.9-инчен централно-поставен екран за мултимедијалните функционалности. Она кое CLE го добива од поголемата E-Class е најновиот MBUX кој доаѓа со можност за инсталирање дополнителни апликации.

Од E-Class доаѓа и палетата на мотори – која вклучува и турбодизел. Сите мотори се со лајт-хибридна компонента, а понудата започнува со CLE 220d кој испорачува 200 дизелски коњски сили. Маааалку над него е 204-коњскиот CLE 200 турбо-бензинец. Двата мотори стандардно доаѓаат со погон на задните тркала, но може да се комбинираат и со 4Matic погон на сите четири тркала.

За оние кои сакаат повеќе моќ, тука се CLE 300 со 258 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, додека на самиот врв е шест-цилиндерскиот CLE 450 кој располага со 381 коњска сила и 500 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат забрзување до 100 километри на час за само 4.4 секунди.

За и самите да го погледнете CLE, посетете го салонот на Мак Аутостар.

Поврзано:  Mercedes-Benz CLE Cabriolet пристигна во салонот на Мак Аутостар


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.