ТЕСТ: Peugeot 408 1.2 PureTech 130 GT – Драма! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 408 1.2 PureTech 130 GT – Драма!

Кога пред неколку години францускиот бренд ја започна својата трансформација, не можевме ниту да сонуваме колку тој подвиг на Peugeot ќе биде темелен и радикален. Сега, неколку години подоцна трансформацијата на Peugeot кулминира токму со 408!

Верувале или не, помина точно една година од нашето запознавање со радикалниот 408. Новата, несекојдневна форма која францускиот бренд ја претстави со 408 е можеби логична кулминација на дизајнерскиот јазик на Peugeot, отелотворена во автомобил кој истовремено не наликува на ниту еден друг автомобил а се обидува да го извлече најдоброто од сите.

Првиот (добро де, не баш првиот) контакт со 408 нè тера да размислуваме. Кога прв пат го видовме 408 во Шпанија, атмосферата и околината беше една. Сега, една година подоцна – времето е врнежливо, нашите улици не се најчисите на светот, а францускиот фастбек изгледа треба да се бори со атмосфера и асфалт кои не се толку идеални како шпанските.

И покрај кросоверската основа, 408 е изненадувачки низок автомобил.

Но вистината е дека 408 изгледа (и тука со задоволство ќе ги искористиме зборовите на Peugeot) неочекувано од секој агол. Формата на францускиот фастбек комбинира ниска, купеовска силуета со повисока суспензија која наметнува повисок, кросоверски став но без непотребно-високата кровна линија. Всушност, гледан отстрана – 408 е изненадувачки низок автомобил.

Предницата е дефинирана од големите светлосни елементи и острите вертикални дневни светла кои се препознатливи за Peugeot. Формата на предниот поклопец, предните светла и браникот дополнително ја истакнува должината на 408, а предната маска храбро сугерира огромна доза на самоувереност. 408 многу добро знае каде припаѓа во хиерархијата на автомобилскиот животински свет!

Профилот е низок и купеовски, со многу прекршени линии и конфликтни-но-некако-погодени рамнини и површини. Во комбинација со висока карактерна линија и релативно ниски стаклени површини, профилот на 408 изгледа низок и динамичен, и конечно кулминира во дискретниот но дрзок заден спојлер.

На задниот дел вниманието од кон широките и тенки задни светла како и агресивниот заден дифузер. Кога прв пат го возевме 408 рековме дека задниот дел прави 408 да изгледа како да се движи дури и кога е во мирување – и тој став не е променет. 408 ја има една од најсамоуверените, најдинамичните форми на пазарот!

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Дигитализирана кабина, одлична завршна обработка, многу простор

Ја отвораме вратата на 408 и нè пречекува амбиент кој веќе го познаваме. Да, 408 наликува на 308 и ја носи истата генерација на i-Cockpit, но во кабината на 408 е посветено уште повеќе внимание на деталите и на целосната интеграција на дигиталните технологии. Првиот впечаток е дека многу, многу внимание и љубов е посветено на изборот на материјалите и врвната завршна обработка. Скоро сè што можеме да допреме е меко, квалитетно и со фина текстура. Скоро и да не забележуваме детали кои не ни се допаѓаат. Во ред, никогаш не сме биле најголемите фанови на пијано-црниот финиш на пластиките кој е вистински магнет за прав и отпечатоци од прсти – но за среќа па ваквата пластика и ја нема премногу во 408.

Возачката позиција е ниска а малиот управувач од i-Cockpit кокпитот на Peugeot „седи“ ниско за да можеме подобро да ги видиме 3D дигиталните инструменти. За многумина оваа конфигурација е несекојдневна – но Peugeot стои зад своите одлуки и низ годините навистина го има усовршено ваквиот „распоред на часови“. Всушност, кога од било кој автомобил на Peugeot ќе седнеме во некој друг со секојдневно-димензиониран управувач – се чуствуваме како во рацете да држиме кормило од прекуокеански брод.

Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, додека на средишниот дел на конзолата се новиот дигитален екран и дигиталните i-Shortcuts кратенки кон вашите омилени функции. И верувале или не – сето тоа функционира.

Да – „на прва“ софтверот е малку конфузен и некои од функционалностите како да се скриени во некое мени (на пример, ни требаше малку време и чепкање да откриеме дека тест-возилото имаше и систем за масажа на предните седишта), но по само неколку часа користење „кликнува“ логиката позади мултимедијалниот уред во 408 и сè станува полесно и поразбирливо. Секако, тука е и неизбежниот безжичен полнач за мобилен телефон како и безжичното поврзување со Apple CarPlay и Android Auto.

Инаку, во кабината на 408 е просторно и комфорно. Возачот и совозачот седат како во кокпит, додека на задната клупа има навистина многу простор – да потсетиме дека меѓуоскиното растојание на 408 е цели 12 сантиметри подолго од меѓуоскиното растојание на 308. Сето тоа овозможува многу простор и на задната клупа каде комфорно ќе се сместат дури и повисоки патници на кои нема да им недостасува простор. Интересна улога тука играат и задните „мачкини уши“ кои од една страна функционираат како надворешен спојлер, а од друга страна овозможуваат механизмот за петтата врата да не го намалува просторот во кабината.

Поврзано:  Два Peugeot 9X8 хипер-автомобили ќе се натпреваруваат и на овогодинешниот Le Mans!

Кога сме кај петтата врата – да, Peugeot 408 има петта врата, а тоа пак значително го олеснува пристапот до багажниот простор и го прави внесувањет и поголеми предмети поедноставно. Багажникот е достапен преку огромен отвор и тој нуди капацитет од одлични 536 литри, односно дури 1611 литри со преклопена задна клупа.

Ефикасен и сосем доволно моќен турбо-бензинец

Во ред, сето тоа звучи одлично – но каков е 408 зад управувачот? Кога пред една година го возевме плаг-ин хибридниот 408 со 225 коњски сили и голема и тешка батерија во задниот дел кажавме дека французинот се однесува достоинствено и динамично, но и дека се чувствува масата на батериите и дека поради неа 408 знае да понуди и надуправување. Сега, без таа голема и тешка батерија, со задоволство можеме да кажеме дека 408 е значително понеутрален и дека значително посмирено ја менува насоката на движење. Истовремено, ја препознаваме мајсторијата на инженерите на Peugeot – 408 е на големи тркала, но суспензијата и подвозјето идеално ги филтрираат нерамнините па во кабината не се пренесуваат речиси никакви несакани вибрации од подлогата.

Да, во предниот дел се крие 1.2-литарски турбо-бензинец за кој многумина би рекле дека е мал, но вистината е дека во комбинација со одличниот EAT8 автоматски менувач со 8 брзини сосем лесно го задвижува 1393 килограми тешкиот 408 и забрзува до 100 километри на час за 11.5 секунди, сè до максималната брзина од 210 километри на час.

Инаку, 1.2-литарскиот турбо-бензинец испорачува 130 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Како што рековме, во комбинација со 8-брзинскиот автоматкси менувач сосем самоуверено го задвижува 408, а уште поуверливи се меѓузабрзувањата – да, сигурни сме дека работите би биле подобри со дополнителни „два-триесет“ коњски сили, но за оние кои сакаат повеќе моќ тука е плаг-ин хибридниот 408 кој се нуди со 180 или 225 коњски сили.

Поврзано:  Peugeot ја згаснува дивизијата PSE?

Потрошувачката е сосем респектабилна – со нормално, цивилизирано возење таа нема да надмине повеќе од 9.5-10 литри на 100 изминати километри во градски услови, односно одлични 6.7 литри на 100 километри на отворено при крстосување со брзина од 120 километри на час.

Немаме забелешки ниту на опремата – врвната GT верзија на 408 доаѓа со навистина многу опрема. Помалку мастило и хартија ќе ни бидат потребни да напишеме што нема во однос на тоа што има – но ќе ги напоменеме одличните спортски седишта обвиени во кожа и алкантара, сите можни системи за асистенција, огромниот панорамски стаклен кров, мултимедијалниот систем со сите можности за поврзување…

И заклучокот е?

Ајде да донесеме заклучок. Вистината е дека 408 е драматичен. Зошто драматичен? Затоа што е несекојдневен, самоуверен и гласен. Со полни гради кажува – погледнете ме, тука сум! А тоа е бидејќи Peugeot е самоуверен бренд – француските брендови во рамките на Stellantis одлично се прилагодија кон новите трендови на пазарот, односно дури би рекле дека тие всушност ги поставуваат новите трендови во автомобилската индустрија.

Дали со 408 Peugeot одговори прашање кое најверојатно никој не го постави? Можеби, но тоа навистина не е толку важно кога одговорот е толку, толку уверлив.

Спецификации

Модел: Peugeot 408 1.2 PureTech 130 S&S EAT8 GT
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, три цилиндри
Моќност: 130 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 11.5 секунди
Максимална Брзина: 210 километри на час
Должина: 4687 mm
Ширина: 2062 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1478 mm
Тежина: 1393 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2787 mm
Багажен Простор: 535 – 1611 литри
Потрошувачка: 9.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основиот модел: Peugeot 408 1.2 PureTech 130 S&S EAT8 Allure – 35.190 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot 408 1.2 PureTech 130 S&S EAT8 GT – 44.800 Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.