Тркачкиот Bugatti Bolide од 4 милиони евра стана реалност! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Тркачкиот Bugatti Bolide од 4 милиони евра стана реалност!

Првиот тркачки хиперавтомобил на Bugatti е придвижуван од квад-турбо W16 со 1.578 коњски сили и тежи само 1.450 килограми.

Точно пред три години објавивме дека Bugatti работи на експериментален хиперавтомобил, а денес дознавме дека истиот е веќе произведен во лимитирано издание од 40 примероци и сите се продадени по цена од 4 милиони евра по парче!

Дизајнот на каросеријата од композитни јаглеродни влакна е скоро идентичен со оној на концептот а целокупната тежина е намалена за половина тон во однос на Chiron, што значи дека Bolide има застрашувачки сооднос сила-тежина од 1.088 коњски сили по тон! Bugatti вели дека хиперавтомобилот може да генерира речиси 3.000 kg надолна сила и до 2,5 G странична сила што е само 0,5 G помалку од онаа што астронаутите ја искусуваат при полетување на вселенскиот шатл.

И покрај фактот дека ова е хардкор тркачки автомобил, внатрешноста се карактеризира со класичната луксузна изработка по која е познат Bugatti. Купувачите можат да изберат од бројните опции за тапацир, вклучувајќи кожа, велур и алкантара. Сепак, највпечатлив елемент тука е икс-тематскиот волан кој сега има дополнителни копчиња и прекинувачи кои беа отсутни кај концептот.

Возачот и совозачот добиваат систем за прицврстување со шест точки одобрен од FIA а за уште поголема безбедност, кокпитот на Bolide е компатибилен со системот HANS (поддршка на глава и врат) кој е веќе докажан во мотоспортот.

Првите испораки на Bolide кон купците ќе започнат во 2024 година, а со оглед на неговата ексклузивност, веројатноста дека ќе го забележите на некоја патека е скоро непостоечка.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!