Концептот GAC ERA е футуристички теренец со погон на водород и опсег до 800 километри! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Концептот GAC ERA е футуристички теренец со погон на водород и опсег до 800 километри!

GAC ERA е елегантен SUV концепт со водородна погонска единица, кој ја претставува визијата на кинескиот производител за автомобилската иднина.

Стајлингот на возилото е резултат на заедничката работа на глобалните дизајнерски тимови на GAC, вклучувајќи ги студијата во Лос Анџелес и Милано. Надворешноста се карактеризира со едноставни линии, комбинирајќи засечена предница, аеродинамичен покрив и лизгачка задница. Од GAC велат дека каросериските аеро-компоненти се направени од одржливи материјали, вклучувајќи морска рециклирана пластика и био-базирани материјали од алги.

Внатрешноста е дизајнирана да потсеќа на дневна соба, вклучувајќи ротирачки седишта и централна конзола која се трансформира во маса. Кабината е обложена со био-базирана мицелиумска кожа во комбинација со велурни површини и бела емулирана дрвна текстура. Контролната табла е покриена со голем централен дисплеј и помал екран поставен до возачот.

Теренецот се заснова на „мулти-енергетската“ архитектура на GAC, но за разлика од повеќето концепти тој не претставува конвенционално електрично возило. ERA користи водородни горивни ќелии (FCEV), поврзани со два електромотори кои заедно произведуваат 540 коњски сили. Според производителот, опсегот на возење достигнува до 800 км а полнењето трае само неколку минути.

ERA е всушност продолжение на претходните концепти на GAC, вклучувајќи го целосно електричниот седан TIME од 2021 година, миниванот SPACE од 2022 година и целосно електричниот автономен кампер за сите терени Van Life од годинава.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!