Поминаа повеќе од четири години откако за првпат беше прикажана Huarya Imola, а сега Pagani конечно воведува и роудстер варијанта.
Иако Codalunga е најновиот автомобил на компанијата, егзотичната италијанска марка сè уште не е подготвена да се откаже од Huayra. Со оглед на тоа дека се појавуваа специјални верзии на Zonda дури и неколку години после лансирањето на Huayra, овој потег и не е толку чуден.
Опремен со твин-турбо, 6-литарски V12 развиен од AMG, Imola со отворен покрив нуди 850 коњски сили и вртежен момент од 1.100 Nm. Моќта се насочува до задните тркала преку седумстепен Xtrac секвенцијален менувач, развиен специјално за Pagani. Со тежина од само 1.260 килограми, хиперавтомобилот лесно постигнува брзина до 350 км/ч пред да се активира електронскиот ограничувач.
Бидејќи е легален за користење на јавните патишта, Imola Roadster е опремен со Pirelli P Zero Trofeo R гуми со димензии 265/30R20 на предната оска и 355/25R21 на задната страна, па истите може да ги користи како на стазата, така и на патот до неа.
Само осум примероци на Imola Roadster ќе бидат направени – и иако од Pagani не кажаа колку чини секој, можеме да претпоставиме дека веќе сите се продадени.