Германскиот производител на суперавтомобили објави интересно видео во кое прикажува како иконскиот 911 GT1 “сонува” дека вози на прекрасен планински пат додека “спие” изложен во нивниот музеј.
Porsche 911 GT1 беше создаден со цел да се натпреварува во GT1 класата на 24 часа ЛеМан – а еден од условите за ова беше да произведе ограничен број на цивилни изведби. Наречен Strassenversion (Улична Верзија), 911 GT1 е произведен во само 20 примероци, а секој од нив е погонуван од 3.2 литарски твин-турбо боксер мотор со шест цилиндри и над 700 коњски сили.
Бидејќи се работи за екстремно редок и возбудлив модел, еден ваков примерок беше продаден за 5.6 милиони долари на аукција во 2017, а се претпоставува дека некои можат да достигнат и 10 милиони долари.
Иако повеќето цивилни 911 GT1 се наоѓаат во приватни колекции, постои еден кој е изложен во музејот на Porsche во Штутгарт. За голема среќа, германскиот бренд не го чува примерокот само како фиксно изложено музејско дело, туку неодамна го изнесе да ги ослободи своите перформанси на баварскиот дел од Алпите и да биде возен како што е замислен.
Погледнете го видеото и уживајте!