Откриен на саемот за комерцијални возила Solutrans во Франција, новиот Renault Master е најголемиот модел во комби сегментот на компанијата, позиционирајќи се над средниот Trafic и малиот Kangoo.
Од првите надворешни впечатоци ќе ги спомнеме: новото Renault лого, големите LED фарови и хоризонталната лента која се протега низ решетката. Во задницата има нов сет на задни светла, но како и кај повеќето комбиња, тука поголема важност игра функцијата наспроти формата.
Аеродинамиката е подобрена во споредба со стариот модел за 20 проценти благодарение на пократката хауба, намалениот агол на шофершајбната и заострениот заден дел. Овие подобрувања носат придобивки за намалување на бучавата, потрошувачката и штетните емисии кои сега се спуштени под 200 g/km.
Постојат две верзии на 2.0-литарски дизел мотор (128 и 169 коњски сили) и два менувачи (шест-брзински мануелен и девет-брзински автоматски). Максималната носивост од 2396 килограми е конкурентна, но треба да се напомене дека има верзии на Ford Transit што можат да носат и до 2800 килограми.
Renault исто така објави дека доаѓа и верзија на водород, како и целосно електричен E-Tech. Поголема батериска опција кај втората верзија ќе има моќност од 87 kWh и електричен мотор од 141 коњска сила.
Во внатрешноста се забележува голема ергономска поставеност кон возачот со постоечкиот 10-инчен Renault OpenR Link екран на допир, а не е штедено ни на просторот за складирање кој е зголемен за 25 проценти и сега изнесува 135 литри.
Деталите за цените и опциите се уште не се објавени, но она што е познато е дека новиот Master ќе биде достапен за нарачка од почетокот на 2024 година, а првите испораки ќе бидат од септември истата година.