Hyundai ги објави првите детали за освежениот Tucson – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Hyundai ги објави првите детали за освежениот Tucson

Освежениот Tucson ја задржува Parametric Dynamics дизајнерската насока, но добива еволуирана и порафинирана надворешност, како и технолошки-надграден ентериер.

Од Hyundai кажуваат дека предниот дел на освежениот Tucson добива храбра комбинација од тенки, аглести линии кои се надополнети со скриените Parametric Jewel дневни светла. Дополнително, забележуваме и редизајниран заден браник со нов заштитен панел кои на корејскиот SUV му даваат поширок и подинамичен став. Добиваме и нови, редизајнирани алуминиумски тркала кои ја нагласуваат динамичноста, додека на задниот дел Tucson добива нови заштитни панели интегрирани во задниот браник кои ја нагласуваат големината на освежениот SUV.

Значителни надградби препознавме во кабината – покрај нов управувач, забележуваме и нов распоред на дигиталните инструменти и инфозабавниот уред. Наместо два одделни панели како досега, сега двата 12.3-инчни екрани се интегрирани во еден заеднички панел. Првиот кој е поставен директно пред возачот е задолжен за дигиталните инструменти, додека вториот е наменет за инфозабавните функционалности и други системи во автомобилот.

Забележуваме уште една интересна измена – контролерот за менувачот е преместен на управувачкиот столб, а тоа пак ослободува повеќе простор во редизајнираната централна конзола. Истовремено, ќе ги пофалиме дизајнерите и инженерите на Hyundai кои одлучиле да ги задржат физичките контроли за клима-уредот.

Сега за сега нема информации околу погонските опции кои Hyundai ќе гу нуди за освежениот Tucson – но очекуваме тие да бидат воглавно непроменети. Наскоро ќе имаме повеќе информации, а освежениот Tucson се очекува да пристигне во првата половина од следната година.

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.