Малиот Avenger дебитираше минатата година како прво сериско произведено електрично возило на Jeep, но сега изборот на погонските единици е зголемен и вклучува повеќе опции.
Avenger e-Hybrid ја содржи најновата технологија на благ хибрид на групацијата Stellantis која веќе се користи во моделите на Peugeot, Citroen и Opel. Погонската група се состои од 1.2-литарски трицилиндричен бензинец со турбо полнач, мала батерија и електричен мотор интегриран во новиот 6-брзински автоматски менувач. Бензинскиот мотор има моќност од 99 коњски сили и 205 Nm вртежен момент, додека електричниот мотор асистира со дополнителни 28 КС и 55 Nm.
Хибридниот Avenger може да помине еден километар исклучиво во електричен режим, сè додека брзината не надмине над 30 км/ч. Тоа значи дека паркирањето може да го прави без помош од моторот со внатрешно согорување. Севкупно, од Jeep тврдат дека возилото има комбинирана потрошувачка на гориво од 5.1 литри на 100 км и дека во исто време јаглеродните емисии се намалени до 15% во споредба со неелектрифицираниот еквивалент.
Визуелно, благиот хибрид се разликува од електричната верзија со присуството на издувната цевка како и со зелената буква „e“ на задната врата. Водечкиот модел доаѓа со 18-инчни алуминиумски тркала, целосни LED светла, амбиентално осветлување, дигитална инструмент група, безжично полнење и можност за автономно возење на ниво 2.
Jeep Avenger e-Hybrid ќе биде достапен за нарачка на сите европски пазари почнувајќи од крајот на ноември а цената ќе биде објавена пред лансирањето. Во секој случај очекувањата се дека цената ќе биде значително пониска во однос на целосно-електричниот еквивалент.