Изминатиов викенд Мотоцентар заедно со Порше Клуб Македонија, Continental, РСБСП, МВР и East Gate Mall стартуваше кампања против сообраќајната некултура.
Кампањата има благородна цел – да ја подигне свесноста околу сообраќајната некултура и преку организирани настани и медиумска активност континуирано да се работи кон постигнување на таа цел.
Како иницијатор на кампањата се јавуваат нашите пријатели од Мотоцентар, додека во поддршка на кампањата доаѓаат Porsche Club Македонија, производителот на пневматици Continental, Републичкиот Совет за Безбедност на Сообраќајот на Патиштата (РСБСП), Министерството за Внатрешни Работи (МВР) и East Gate Mall.
Во рамките на настанот кон публиката се обратија г-дин Горан Гроздоски, Генерален Директор на „Мотоцентар“, г-ѓа Гордана Кожуваровска, Претседател на Републички Совет за Безбедност на Сообраќај на Патишта (РСБСП), г-дин Љупчо Грујовски, Претседател на „Порше Клуб Македонија“ и г-дин Ристо Вуков – Рико, македонски спортски автомобилист.
Говорниците повикаа на свест, совест и внимателност во сообраќајот, апелирајќи за важноста на примената на повисоко ниво сообраќајна култура, почнувајќи секој од себе лично.
Со оглед на сообраќајната култура на нашите улици (односно, би додале – недостатокот на истата) ваквите иницијативи се потребни и со задоволство и безрезервно ги поддржуваме. Сите заеднички да работиме на зачувување и подобрување на сообраќајната култура!