Кога производителот лансира нов суперавтомобил, обичајот после одреден период е да се надоврзе со специјално издание. MC20 Notte Edition е токму тоа.
Ова е првото специјално издание на MC20 и истото го слави „храбриот дух“ на италијанската компанија. Ексклузивноста е посебно нагласена бидејќи бројот на произведени возила е ограничен на само 50 на глобално ниво.
Измени во перформансите во однос на стандардната верзија нема, но тоа и не е толку важно доколку се потсетиме на официјалните бројки. MC20 доаѓа со 3-литарски V6 со две турбини, 621 коњскa силa и 730 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 2.9 секунди а максималната брзина достигнува 328 км/ч.
Тогаш што додава Notte Edition? Највпечатлива е новата „nero essenza“ мат боја, а останатите разлики се во деталите како што се значката на Maserati, страничните логоа и амблемот кои сега се во мат бела и златна боја. Од надворешниот изглед се истакнуваат 20-инчни тркала обоени во мат црна боја со бели и златни акценти. Зад нив се приметуваат и црните клешти на сопирачките.
Во кабината најзабележливи се спортските алакантра седишта опшиени со жолти шевови, воланот со јаглеродни влакна како и металната плоча измеѓу седиштата на која е изгравиран редниот број на автомобилот (еден од педесет).
Од Maserati сеуште нема информација колку ќе чини MC20 Notte Edition, но секако се очекува бројката да биде повисока од онаа на стандардниот модел.