ВОЗЕВМЕ: BMW Серија 5 и електричниот i5 – Баварски технолошки бенчмарк! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: BMW Серија 5 и електричниот i5 – Баварски технолошки бенчмарк!

Баварците вложуваат многу во електрификацијата и целосно-електричниот погон, а новата Серија 5 е моделот кој треба да ги приближи овие технологии во бизнис седан сегментот – па какви се првите впечатоци од големиот баварски седан?

Верувале или не, зад нас се дури седум генерации од незапирливата Серија 5. Изминативе 50 (да, и со зборови – педесет) години, германскиот бренд контиуиран работи на усовршување и подобрување на својот голем бизнис седан и со секоја нова генерација поставува нови стандарди во класата. Всушност, без никакво двоумење би рекле дека токму Серијата 5 е моделот со кој се споредуваат сите други директни конкуренти. Серијата 5 е бенчмаркот, а BMW едноставно не смее да ја прокоцка таа позиција. Кога сме веќе тука, дали знаете дека токму Серијата 5 е првиот модел на BMW кој го добил зборчето „Серија“ во името?

И еве нè – зад управувачот на новата Серија 5. Германскиот производител одлучи регионалната презентација на Петката да ја направи во Белград и да ни овозможи „полокално“ да се запознаеме со најновата генерација.

Уште на самиот старт ќе ја истакнеме технолошката офанзива која баварците ја прават во овој сегмент – за прв пат новата Серија 5 е достапна и како целосно-електричен автомобил (и ја носи ознаката i5) а кога ги прашавме нашите домаќини зошто електричната верзија не се издвојува повеќе визуелно од својот конвенционален партнер, ни кажаа дека едноставно нема потреба – електричните возила се реалност и секојдневие и веќе нема потреба да се „двојат“. Храбар избор – но би рекле, правилен!

Првиот контакт е секако визуелен – а новата Серија 5 успешно ги комбинира традиционалните дизајнерски елементи на седаните на BMW со модерни, современи детали и линии. На предниот дел се истакнуваат хоризонталните бубрези кои се достапни во неколку различни конфигурации, со вертикални или хоризонтални елементи во зависност од моделската изведба. Околу решетката се поставени хоризонталните, тенки светла, додека во браникот се нагласени големите отвори за воздух.

Предните светла се дискретно закосени нагоре и тука препознаваме дизајнерска инспирација од контроверзната Е60 генерација која толку мајсторски ја дизајнираше Крис Бенгл. Вертикалните контури на предниот поклопец директно го носат погледот кон знакчето на BMW, но нивната форма дополнително ја нагласува моќта со која располагаат сите изведби на новиот баварски седан – без разлика на погонскиот избор.

Профилот е интересен и несекојдневен за седан – да, традиционалната форма од „три кутии“ е тука, но задниот дел е дискретно закосен надоле и со ова е подобрена аеродинамиката (и ефикасноста) но истовремено новата Серија 5 добива засебна, препознатлива и поатлетска форма. Крилата ги пополнуваат големи, големи тркала зад кои се кријат моќни сопирачки.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: BMW Серија 1 M135 (и 120): Нова генерација на ултимативниот хот хеч

Задниот дел е широк и мускулест, со нагласени крила кои се забележуваат најдобро кога ќе го погледнете автомобилот директно одзади. Тенките, широки светлосни групи ја истакнуваат „хоризонталноста“ на новата Серија 5 и дополнително го зајакнуваат мускулестиот, подготвен-да-скокне став на автомобилот.

Ја отвораме возачката врата и нè пречекува супер-модерна кабина. На конзолата пред возачот и пред централниот гребен се поставени два огромни екрани споени во еден заеднички панел, на кој се прикажува најновата генерација на BMW iDrive опeративниот систем. Пред возачот е поставен 12.3-инчен дигитален дисплеј со наградена реалност, додека на средината над централниот гребен е поставен огромен 14.9-инчен дисплеј наменет за мултимедијалните функционалности, навигацијата, клима-уредот и сите други „играчки“.

Технолошкиот шоукејс продолжува со најновата генерација на iDrive која овозможува лесно пристапување до сите функционалности – сакате преку ротирачкиот контролер поставен на конзолата меѓу возачот и совозачот, сакате преку директно допирање на екранот. Секако, тука се и неизбежните гласовни команди, како и контролите со гестикулации.

Тука се и системите за надградена реалност – па на дисплејот пред возачот во реално време се проектираат насоките за навигацијата – ова за прв пат го видовме кај електричниот iX, а тука системот е уште поусовршен. Интересен и важен новитет е и новиот систем за автоматско паркирање кој може самиот да го внесе големиот седан на претходно-дефинирано паркинг место – а вие можете да бидете внатре во автомобилот или надвор од него и да го контролирате со вашиот мобилен телефон. Ако ве праша соседот што правите? „Еве комшија, да си ја прошетам колата!“

Инаку, седиштата се спортски и комфорни. Многу лесно се наоѓа кофморна, ниска, динамична возачка позиција – токму онаква каква што му прилега на еден спортски седан. Скоро сите површини се обвиени во фини, меки материјали – а за прв пат сите ентериери на BMW 5 се целосно-вегански. Дури и „кожните“ седишта се обвиени во иновативна имитиација на кожа која ги нуди истите параметери на квалитет, мекост и издржливост.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Зад управувачот на новиот BMW X3

Секако, за оние кои сепак сакаат вистинска кожа – тука е Мерино опцијата. Инаку – за сите патници има навистина многу простор, како на предните седишта така и на задната клупа. Всушност, дури и (навистина) повисоки патници ќе патуваат комфорно на задните седишта.

А какво е патувањето? Првото искуство зад управувачот ни е во електричниот i5 eDrive40 – електричниот i5 кој комбинира батерија со капацитет од 81.2 kWh и електромотор кој кон задните тркала испорачува 340 коњски сили и 430 Nm вртежен момент – кои пак на седанот тежок 2.2 тони му овозможуваат забрзување до 100 километри на час за само 6 секунди, како и максимални 193 километри на час. Автономијата според WLTP мерењата е до 580 километри – повеќе од доволно. На автопатски брзини, електричниот i5 е суверено тивок и комфорен – и изненадувачки ефикасен. Баварците кажуваат дека просечната потрошувачка на електрична енергија е околу 16 kWh на 100 изминати километри – ние измеривме нешто повисока, околу 18 kWh. Доколку имате пристап до доволно брз полнач, благодарение на 400-волтната архитектура електричниот i5 се полни со максимална моќност од 205 kW и ги полни батериите од 10% до 80% за нешто помалку од половина час.

Но вистинскиот карактер на електричната Петка се покажа кога стигнавме до кривулест пат со не-баш-идеален асфалт – тука шасијата и суспензијата доаѓаат до вистински израз. Ниско-поставената батерија гарантира ниско тежиште, а суспензијата успешно ја сокрива масата на големата Петка и баварскиот седан без приговор ја менува насоката. Управувањето е директно, прецизно и брзо, а Петката инстнатно и експлозивно реагира на секое притискање на педалата за… гас? Не, не е гас. Струја е! Забрзувањето е инстантно, неуморно и моќно, а од свиок во свиок сме сè поубедени дека нема сомнеж, а хејтерите можат да хејтаат – ова е вистинско BMW! Ниското седење и одличната тракција влеваат доверба во можностите на Петката, а истовремено кога тоа ќе го побарате добивате и контролирано пролизгување на задните тркала карактеристично за баварските седани.

Поврзано:  BMW ја претстави новата Серија 2 Gran Coupe

Од електричниот i5 одиме во конвенционалниот, дизелски 520d. Ако мислите дека конвенционалната Петка е скалило подоле од електричната – не е. Во кабината не се чувствуваат никакви вибрации од дизелскиот мотор – всушност, тој не се ни слуша. Добро-познатиот 2-литарски турбодизел испорачува 197 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 400 Nm од 1500 до 2750 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон задните тркала преку 8-брзински steptronic автоматски менувач во кој е интегрирана и лајт-хибридната компонента. Резултат на сето ова? Со оглед на тоа дека дизелската Петка тежи нешто повеќе од 350 килограми помалку од електричната – дизелскиот седан има одлични перформанси.

„Стотка“ пристигнува за уверливи 7.3 секунди додека максималната брзина е 233 километри на час. Но благодарение на тие 355 килограми помалку, 1775 килограми тешкиот 520d се чувствува уште подинамичен, уште поподготвен да ја менува насоката на движење со прецизоност и грациозност која како да не припаѓа кај толку голем автомобил.

И значи, какви се нашите први впечатоци од новата BMW Серија 5? Со ситно над 10 милион продадени примероци во изминатите 7 генерации, инженерите и дизајнерите на BMW едноставно не смеат да ја испуштат топката. Како што рековме на самиот почеток – Серијата 5 е бенчмаркот, автомобилот со кој се споредуваат сите други во сегментот. Автомобилот кој неуморно веќе пет декади ги поставува правилата и ги наметнува очекувањата. И со задоволство можеме да кажеме дека ништо не е сменето. Новата Серија 5 е сè што очекувавме да биде – а и нешто повеќе.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.