ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави целосно-новиот Superb! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави целосно-новиот Superb!

Пред само неколку моменти, чешкиот производител ја претстави најновата генерација на својот знаменосец – ова е целосно-новиот Škoda Superb!

Претставен во седанска и караванска изведба, новиот Superb ќе се нуди со грст различни погонски опции – од лајт-хибридни, па сè до плаг-ин хибридни, турбо-бензински и турбодизел погони. Достапни ќе бидат вкупно шест погонски опции, а најмоќните дизелски и бензински мотори ќе се нудат и со погон на сите четири тркала.

Бензинските мотори нудат 150, 204 и 265 коњски сили, додека дизелите ќе нудат 150 или 193 коњски сили. Во портфолиото е вклучен и нов плаг-ин хибриден погон кој ќе се нуди само кај караванската Combi изведба, како и нов лајт-хибриден погон. Плаг-ин хибридниот Superb (исто како и штотуку-претставениот Kodiaq) ќе може да помине 100 километри со полни батерии, пред воопшто да треба да се вклучи бензинскиот мотор. Плаг-ин хибридниот мотор ќе располага со системски 204 коњски сили. Новиот Superb ќе може да се добие само со 7-брзински DSG менувач со двојна спојка, односно 6-брзински DSG кај плаг-ин хибридната изведба.

Веднаш се забележува остриот дизајн на екстериерот на новата, четврта генерација на Superb. Секако, пристапот на дизајнерите на Škoda и понатаму е еволутивен, но сепак новиот Superb изгледа современо и модерно.

На предниот дел забележуваме нова, осмоаголна предна маска и широки LED Matrix светлосни елементи, додека профилот е уште понагласено купеовски – нешто налик на сегашаната Octavia, но во уште поголеми димензии. На задниот дел вниманието оди кон кристалните задни светла и името Skoda кое гордо стои на средината на петтата врата. Интересен детал на предниот дел ни е широката предна решетка во браникот која се провлекува низ целиот браник. Достапни ќе бидат 11 нови дизајни на тркала во димензии од 16 до 19 инчи.

Поврзано:  Новиот Škoda Superb пристигна во Македонија!

Веќе зборувавме за новиот ентериер на Superb – новиот самостоечки 13-инчен централно-поставен дисплеј го има главниот збор, додека рачката од менувачот е поставена на управувачкиот столб. Ваквите решенија овозможуваат уште повеќе простор во кабината и попрактична централна конзола.

За прв пат Superb добива и хед-ап дисплеј, а интересен и практичен новитет се Škoda Smart Dials кои овозможуваат лесен пристап до повеќето функционалности во ентериерот. Достапни се нови материјали и грст нови технологии – меѓу другото купувачите ќе добијат и нов безжичен полнач за мобилен телефон со вградено ладење, а ќе ги истакнеме и комфорните Ergo седишта со вградена масажа. Од Škoda гордо кажуваат дека новиот Superb има дури 28 различни Simply Clever додатоци и функционалности.

И секако – Superb и понатаму е рекордер кога станува збор за просторноста на задната клупа и во багажникот. Од Škoda кажуваат дека седанот ќе има багажник со капацитет од импресивни 645 литри, додека кај караванот багажникот нуди неверојатни 690 литри капацитет.

Новиот Superb ќе се произведува покрај новиот Passat во фабриката на Škoda во Братислава, Словачка. Првите примероци се очекуваат да пристигнат на пазарот на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.