Сакате вистински тркачки автомобил? Ferrari ќе ви продаде 499P Modificata од Le Mans! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Сакате вистински тркачки автомобил? Ferrari ќе ви продаде 499P Modificata од Le Mans!

Бидејќи не е ограничен од „смешните тркачки правила“, тркачкиот автомобил кој можете да го купите од Ferrari е помоќен од тркачкиот автомобил со кој Ferrari победи на Le Mans!

499P Modificata не е наменет за трки, но е наменет за возење на тркачките патеки – па токму затоа инженерите на Ferrari можат да го нагодат автомобилот поинаку во однос на тркачкиот автомобил ограничен од правилата на Le Mans.

Пример? Електричните мотори работат и на пониски брзини а не само над 190 километри на час како што е според FIA регулативите – а тоа значи дека ќе можете почесто да го користите погонот на сите четири тркала и целата моќност со која автомобилот располага.

Кога сме кај моќноста, инженерите додале и Push to Pass систем со копче позади управувачот кое ослободува дополнителни 161 коњска сила во времетраење од 7 секунди – и со тоа автомобилот сега има максимални 858 коњски силиаместо 697-те коњски сили на Le Mans автомобилот. Ревидиран е и софтверот како и мапите на моторот, а ревидиран е и системот за контрола на тракцијата како и логиката која автомобилот ја користи при тргнување.

Инаку, погонот користи 3-литарски V6 базиран на моторот кој се користи во 296 GT3, а силата ја испорачува кон 7-брзински секвенцијален менувач. Кабината е директно преземена од победничкиот автомобил од Le Mans – има само едно седиште.

499P Modificata е своевидна инаугурација на Sport Prototipi Clienti програмата на Ferrari преку која италијанскиот бренд се грижи за лоигистиката за транспорт на возилата и целата поддршка која е потребна на самата тркачка патека – а на клиентите им останува само да возат и да уживаат во своите многу, многу, екстремно многу скапи играчки.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.