Mercedes-AMG GLE 53 Hybrid добива плаг-ин хибриден погон кој испорачува моќни 544 коњски сили и 750 Nm вртежен момент.
Плаг-ин хибридниот погон кај моќниот SUV (и SUV Coupe) комбинира 3-литарски турбо-бензинец кој има шест цилиндри во линија, со батерија со капацитет од 31.2 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 136 коњски сили. Комбинацијата од 449 коњски сили од турбо-бензинецот и 136 коњски сили од електромоторот му даваат на спортскиот SUV комбинирана моќност од 544 коњски сили и моќни 750 Nm вртежен момент. Преведено во перформанси, тоа значи забрзување до 100 километри на час за 4.7 секунди и (електронски-ограничена) максимална брзина од 250 километри на час.
Истовремено, батеријата и електромоторот овозможуваат автономија на електрична енергија меѓу 80 и 87 километри според WLTP. Ова можеби не делува како многу, но сепак треба да имаме предвид дека зборуваме за голем и тежок SUV со високи перформанси каде електрификацијата е повеќе во насока токму на перформансите.
Инаку, плаг-ин хибридниот GLE 53 Hybrid добива и дискретно редизајнирана предна маска која насочува воздух кон дополнителен ладилник. Секако, тука се и неизбежните значки и уште неколку други ситни детали – но во суштина, визуелните измени се релативно незабележливи. Вреди да се напомене дека поради зголемената тежина инженерите на Mercedes-Benz ја ревидирале и рекалибрирале AMG Ride Control+ воздушната суспензија.
Со воведувањето на плаг-ин хибридниот GLE, Mercedes-AMG ја проширува понудата на приклучни хибридни модели – потег кој воопшто не нè изненадува со оглед на пазарните трендови и барањата на купувачите. Комбинацијата од огромна моќност и врвна ефикасност не е воопшто лоша.