Концептот кој Mazda го покажа во Токио користи иновативен погонски систем кој може да работи на водород, но и да работи целосно-електрично и да испорача 370 коњски сили!
Трансформацијата е неизбежна, а Mazda кажува дека Iconic SP користи „дво-роторен EV систем“ (што и да значи тоа) кој може да работи на карбон-неутрални горива (меѓу кои е и водородот) или пак да работи во целосно-електричен режим и да испорача 370 коњски сили. Сега за сега немаме информации колкава ќе биде батеријата ниту колку електромотори ќе користи системот, но сето ова навистина ветува.
Инаку, екстериерот на концептот можеме наједноставно да го опишеме како секси. Обвиен во Viola Red црвена боја, на екстериерот доминираат нежни површини и едноставни линии – и со задоволство го поздравуваме ваквкиот пристап. Чистиот, едноставено дизајн совршено му прилега на спортскиот автомобил на Mazda и навистина ни се допаѓа како е изведен предниот дел кој толку очигледно оддава почит на „поп-ап“ светлата на MX-5!
„Mazda секогаш ќе испорачува возила кои ќе ги потсетат луѓето дека автомобилите се чисто уживање и важен дел од нивните животи“ – изјави главниот директор на Mazda, Masahiro Moro, и додаде – „Како компанија која ги сака автомобилите и која масовно произведува инспиративно искуство, посветени сме кон оформување на иднината со нашите партнери кои ја делат истата цел, но и со нашите фанови и сите гордо можеме да кажеме дека ги сакаме автомобилите!“
Секако – ова е само концепт, но Mazda има историја на преточување на концептните возила во возбудливи сериски автомобили. Ваквиот концепт на Mazda ни влева ентузијазам за иднината на возењето. Дали Mazda ќе биде првиот производител кој ќе направи достапен електричен спортски автомобил?