Како и својот претходник, и новиот X2 е поставен врз платформата на X1 и повторно добива подинамична, купеовска каросерија која ги нагласува динамичните квалитети на новиот SUV.
Иако X2 е базиран врз X1, нема шанси да ги помешате двата модели на BMW. X1 има поконвенционална SUV форма (и нашиот тест на новиот X1 можете да го видите тука), додека X2 е со пониски стакла и понакосено предно ветробранско стакло, со купеовски заден дел и остро задно стакло. Дополнително, X2 добива и понагласени крила кои кријат поголеми тркала (со максимален дијаметар до 21 инч) а предните светла се позакосени и поагресивни во поставеноста. Всушност, од секој агол X2 изгледа подинамично и посамоуверено од конвенционалниот X1.
На самиот старт на европските купувачи ќе им бидат достапни три мотори со внатрешно согорување – два турбо-бензинци и еден турбодизел. Бензинците доаѓаат во форма на X2 sDrive20i и X2 M35i xDrive. Основниот бензинец користи лајт-хибриден 1.5-литарски турбо-бензински мотор кој испорачува вкупно 170 коњски сили и 280 Nm вртежен момент и забрзува до 100 километри на час за 8.3 секунди. Моќниот M35i xDrive носи 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент.
Турбодизелот е во форма на X2 sDrive18d кој носи 2-литарски турбо-бензинец со надградени компоненти кој испорачува 150 коњски сили и 360 Nm вртежен момент – доволни за спринт до 100 километри начас за 8.9 секунди, а BMW ветува потрошувачка од 5.1 до 5.5 литри на 100 километри.
На европските купувачи ќе им биде достапен и целосно-електричниот iX2. На самиот старт ќе се нуди само во една конфигурација – iX2 xDrive30. Оваа конфигурација комбинира два електромотори (еден на предната оска, еден на задната) за да испорача вкупно 313 коњски сили и одлични 494 Nm вртеженм момент, а струјата ќе доаѓа од батериски модул со капацитет од 64.8 kWh. Според официјалните податоци електричниот iX2 ќе забрзува до 100 километри на час за 5.6 секунди, ќе достигнува максимални 180 километри на час и ќе може да помине меѓу 417 и 449 километри со едно полнење на батериите.
Инаку, кабината е навистина налик на онаа кај новиот X1 – но тоа не е критика, навистина ни се допадна ентериерот на X1 кога неодамна го возевме. Пред возачот е поставен закривен мултимедијален дисплеј базиран на новиот BMW OS9 и секако, тука е целосната интеграција со Android Auto и Apple CarPlay. Сепак, ќе истакнеме дека X2 добива засебни седишта кои се дизајнирани да понудат повеќе комфор при подалечни патувања, а достапни се и спортски седишта со упте повеќе точки на нагодување.
Првите примероци се очекуваат да пристигнат во првата половина од следната година.