Кинеските производители брзо учат и уште побрзо носат нови производи на пазарот – па какви впечатоци ни остави целосно-новата гама на Chery?
Да се седне зад управувачот на возило на безмалку нов бренд секогаш е интересен предизвик. Да се седне зад управувачите на три различни модели во еден ден е сосем поинакво искуство и одличен начин да се дознае за стратегијата на еден бренд.
Таква можност ни се случи минатата седмица кога на покана на Гранд Ауто (кои се застапници и импортери за возилата на Ford, Hyundai и MG за Македонија) отидовме во Белград да се запознаеме со кинескиот бренд Chery и неговата комплетна понуда.
Chery е интересен и релативно „млад“ бренд – но бренд кој бележи неуморен и препознатлив раст. Компанијата е основана во не-толку-далечната 1997-ма година, првите автомобили ги произвела само две години подоцна во 1999, а веќе во 2001 започнува да извезува автомобили надвор од Кина. Квалитетот и потенцијалот на Chery брзо го препознаваат и европските брендови, па JLR во 2012 стартуваше соработка со кинескиот бренд за локално да произведува неколку модели на британскиот бренд.
И всушност, токму тука стануваат јасни квалитетите на кинескиот бренд. Секако – како и секој бренд – Chery имал свои успешни и не толку успешни модели, но само минатата година на глобалниот пазар испратиле над 450.000 возила а најуспешен месец во историјата на компанијата е Мај годинава кога од фабриките на Chery кон глобалниот пазар се испратени безмалку 75.000 возила.
Истовремено, Chery не е целосно непознат на нашиот пазар. Пред нешто повеќе од 10-тина години кинескиот бренд имаше обид за пенетрација на нашиот регион, но со незабележителен успех. Сега како застапник на Chery во регионот е компанијата Grand Motors, односно Гранд Ауто во Македонија – а тоа значи дека зад Chery застанува компанија со повеќедецениско искуство и огромни ресурси, што пак директно наговестува дека компанијата има огромна доверба во брендот и неговите продукти.
А што ќе нуди Chery? На самиот старт портфолиото на Chery во Европа ќе го сочинуваат три модели – сите кросовери, сите опремени со врвни нови технологии. Понудата започнува со семејниот Tiggo 7 Pro, продолжува со големиот и луксузен Tiggo 8 Pro и конечно се заокружува со футуристичкиот Chery FX кој е наменет да ги привлече помладите купувачи.
Tiggo 7 Pro цели кон семејните купувачи
Ајде да започнеме со Chery Tiggo 7 Pro. „Помалиот“ од двата конвенционални кросовери на Chery привлекува со својот современ, ненеметлив дизајн каде многу внимание е посветено на пропорциите и на чистите површини. На предниот дел забележуваме голема предна маска на ладилникот како и широки хоризонтални светлосни елементи.
Во комбинација со конвенционалната SUV форма и чистиот заден дел каде вниманието оди кон светлосните елементи кои трендовски се споени во една светлосна група, Tiggo 7 Pro изгледа современо и привлечно.
Слично е и во кабината каде се истакнува вниманието посветено кон деталите – од изборот на материјали, преку дигиталните инструменти па сè до просторната понуда. Очигледно е дека Tiggo 7 Pro е замислен да биде „семејниот суперхерој“. Зошто? Затоа што покрај долгата листа на опрема и одличната просторна понуда, добиваме и многу практични додатоци и технологии – од одличниот мултимедијален уред, па сè до бежичниот полнач за мобилен телефон и целата гама на системи за активна безбедност и асистенција.
Меѓуоскиното растојание е меѓу најдолгите во класата, а ниту багажниот простор со капацитет од 475 литри не е за потценување.
На асфалт, Tiggo 7 Pro се однесува како што би очекувале од еден ваков SUV – а тоа значи дека е комфорен, тивок и прилично рафиниран. Управувањето не би го нарекле возбудливо, но не ни треба да биде – ова е сепак семеен SUV.
Премиум амбиции – Tiggo 8 Pro
Преминуваме во големиот Tiggo 8 Pro. Од Chery кажуваат дека од самиот старт, Tiggo 8 Pro е развиен да биде премиум производ со сите обврски кои ги носи тој атрибут. И веднаш, Tiggo 8 Pro гордо ја кажува својата позиција во хиерархијата на брендот. На предниот дел доминира огромната дијамантска маска која во комбинација со Matrix LED предните светла и страничните отвори за воздух му даваат на големиот SUV достоинствен, самоуверен лик.
На профилот доминираат чистите површини и дискретно исфрлените крила, како и декоративната лајсна околу прозорците, но вистинската импозантност се препознава преку неговата големина – Tiggo 8 Pro е долг 4.8 метри и се носи рамо-до-рамо со многу од етаблираните европски, корејски и јапонски конкуренти. На задниот дел вниманието оди кон задните светла кои се привлечно дизајнирани, а севкупниот впечаток за Tiggo 8 Pro е дека ова е резервиран и достоинствен автомобил кој освојува со неговата рафинираност.
Tiggo 8 Pro стандардно доаѓа со 7 седиша, а кабината лесно може „да се мери“ со директните конкуренти. Добивме седишта обвиени во кожа (предните со греење и вентилација), панорамски сончев кров, целосно-дигитализирана кабина и многу, многу други „играчки“.
Дури би рекле дека со оглед на очекуваната цена – кабината на Tiggo 8 Pro е опулентна. На задната клупа има повеќе од доволно простор и најверојатно комфорно би се патувало и кон подалечни дестинации, додека третиот ред е резервиран исклучиво за деца.
Претставниците на Chery повторно гордо истакнуваат дека многу внимание е посветено и на безбедноста – па тука се дури 12 системи за асистенција и безбедност.
За време на краткото возење, Tiggo 8 Pro успеа да нè изненади со комфорот – иако возевме на патеката НАВАК каде асфалтот е идеален, сепак суспензијата успеа без приговор да ја контролира каросеријата на големиот SUV и да не дозволи преголемо навалување во свиоци.
FX ги таргетира помладите купувачи со несекојдневен дизајн и хај-тек кабина
Конечно, да зборуваме малку и за FX. Намерно го оставивме за последен затоа што можеби не е најголем ниту најлуксузен во гамата на Chery, но дефинитивно е најинтересен за гледање. Во димензии е сличен на Tiggo 7 Pro, но дизајнот е супер-футуристички. На предниот дел се протега широка маска на ладилникот над која се поставени тенките LED дневни светла. „Регуларните“ светлосни елементи се поставени вертикално во самите краеви на предниот браник.
Силуетата е нагласено купеовска со опаѓачка кровна линија која го носи погледот кон задниот дел и острите задни светла. Тука забележуваме и нагласен заден спојлер како и релативно голем заден дифузер. Црвените детали во тркалата и страничните ретровизори кажуваат дека ова е малку поинаков модел.
Во кабината продолжува истата драматична приказна. Ако Tiggo 7 Pro и Tiggo 8 Pro се поконвенционални, FX е храбар и технолошки-напреден.
Во едноделниот панел поставен на централната конзола се поставени два 10.25-инчни екрани, под кој се поставени дигиталните кратенки до многу од функционалностите. Секако, тука се и комфорните спортски кожни седишта, двата полначи за мобилни телефони, амбиенталното осветлување…
Сите модели го користат истиот турбо-бензинец
Интересно, сите три автомобили ја делат истата погонска единица – а тоа е 1.6-литарски T-GDI турбо-бензински мотор кој испорачува 186 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 274 Nm вртежен момент од 2000 до 4000 вртежи во минута. Кај сите три модели ја испорачува силата кон предените тркала преку 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка од Getrag. Моторот му овозможува на Tiggo 7 Pro да забрза до 100 километри на час за 8.3 секунди, додека Tiggo 8 Pro ја достигнува таа брзина за 9.1 секунда. Очекувано, најбрз е FX кој достигнува 100 километри на час за 7.8 секунди.
Секако, тука е и неизбежното прашање околу цените. За жал, во моментов немаме конкретни податоци освен информацијата дека цените се во процес на оформување и дека се очекува да бидат компетитивни во однос на директните очекувани (и неочекувани) конкуренти.
Chery навистина верува во своите автомобили, а веруваат и локалните застапници – за тоа говори и гаранцијата од 7 години или 150.000 километри која ќе биде дел од понудатa. Пробивањето на нов бренд на пазарот не воопшто лесна работа, но Chery има навистина силни арументи и нема да ги привлекува купувачите само со цени кои ќе бидат пониски од оние на конкуренцијата, туку и со современ дизајн, моќни погонски единици и многу, многу опрема. Кинеските производители пристигнаа!