ПРЕМИЕРА: Porsche 911 GT3 R Rennsport е ѕвер со 4.2-литарски атмосферец и 620 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche 911 GT3 R Rennsport е ѕвер со 4.2-литарски атмосферец и 620 коњски сили!

Porsche подготви специјано изненадување за Rennsport Reunion – новиот 911 GT3 R Rennsport кој ќе биде произведен во само 77 примероци и има 4.2-литарски атмосферски бензинец кој врти до неверојатни 9400 вртежи во минута!

Спектакуларниот 911 GT3 R Rennsport е базиран врз 911 GT3 R тркачкиот автомобил, но добива радикално изменета каросерија и надграден мотор. Porsche најавува дека ќе бидат произведени само 77 примероци и дека цените ќе започнуваат од околу 1 милион Евра. Според Porsche, 911 GT3 R Rennsport е наследник на 935 и слично како и тој неверојатен автомобил, и новиот добива целосно изменета каросерија.

Забележуваме нов преден дел со нов браник кој има поголеми отвори за воздух, додека поширокиот преден дел наметнува поширок и посамоуверен став. Дополнително, препознаваме нови крила и дигитални странични ретровизори, како и радикален, драматичен заден дел со огромен заден спојлер, едноделен светлосен елемент и осветленa Porsche ознака.

Срцето на 911 GT3 R Rennsport е 4.2-литарски атмосферски шест-цилиндерски боксер базиран на тркачкиот мотор, но без оние здодевни рестрикции кои се наметнати од регулаторните тела на светскиот моторспорт. Резултат на тоа е можноста да „врти“ до 9400 вртежи во минута и да испорача 620 коњски сили.

Моторот може да работи на Е25 горива и добива редизајнирани, зајакнати компоненти. Силата се пренесува кон задните тркала преку секвенцијален 6-степен менувач. Дополнително, односите на менувачот се доработени за максималната брзина да биде повисока за 20 километри на час.

Инаку, 911 GT3 R Rennsport е безмалку идентичен со тркачкиот автомобил на кој е базиран – а тоа значи прилагодлива суспензија од KW, Michelin Pilot Sport M S9 пневматици, огромни AP Racing сопирачки и многу, многу повеќе. Автомобилот тежи само 1240 килограми и покрај огромниот резервоар со капацитет од 117 литри. Од Porsche напоменуваат дека на купувачите ќе им бидат достапни седум разични бои, како и специјална Agate Grey Metallic со видлив карбон.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.