ТЕСТ: Kia Xceed 1.6 GDI DCT PHEV Executive – Ефикасен, супер-современ Xceed! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Kia Xceed 1.6 GDI DCT PHEV Executive – Ефикасен, супер-современ Xceed!

Како се снаоѓа плаг-ин хибридниот Xceed во урбаната џунгла и дали плаг-ин хибридниот кросовер на Kia е еден од скриените дијаманти во понудата на корејскиот бренд?

Ова не е прв пат Kia Xceed да се појави на нашите страници – досега го имаме возено повеќе пати, во повеќе погонски конфигурации и со неколку различни нивоа на опременост. И Xceed секогаш ни се допаѓал. Во морето на огромни (и супер-трендовски) SUV модели, Xceed секогаш бил несекојдневниот, но – барем во нашите очи – подобриот и попаметниот избор.

Од друга страна, трендот кон електрификацијата е сеприсутен и „нема бегање“ од реалноста дека не само што индустријата и легислативата наметнуваат електрификација, туку и купувачите ги гледаат придобивките од неа и самите бараат возила кои се на овој или оној начин потпомогнати од електрична енергија. Купувачите ги препознаваат подобрените перформанси, зголемената ефикасност и намалената потрошувачка – што тука не би му се допаднало на човека?

И токму затоа денес ќе зборуваме за плаг-ин хибридниот Xceed. Кросоверот на Kia (нема да го наречеме SUV – затоа што не е и не ни треба да биде) е веќе честа појава на нашите улици, но сега го запознаваме во сосем поинакво издание. Со неодамнешното освежување Kia го затегна дизајнот на Xceed со дискретно редизајнирани браници, нови светла, нови тркала и нови бои, како и неколку новитети во кабината (особено во однос на инфозабавниот систем) – но најважниот новитет е токму плаг-ин хибридниот погон.

Современ и ефикасен плаг-ин хибриден погон

А каков е погонот? Интересен! Приказната започнува со 1.6-литарски атмосферски бензинец со директно вбризгување кој испорачува 105 коњски сили и 147 Nm вртежен момент, кој Kia го комбинира со батерија со капацитет од 8.9 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 61 коњска сила и 170 Nm вртежен момент.

Поврзано:  ТЕСТ: KIA Picanto 1.2 5MT Concept - Добрите нешта доаѓаат во мали пакувања!

Сето ова се комбинира во системска моќност од вкупно 141 коњска сила при 5700 вртежи во минута и 265 Nm вртежен момент достапни од супер-ниски 1000 вртежи во минута, кои пак се испоачуваат кон предните тркала преку 6-брзински DCT менувач со двојна спојка. Перформансите се коректни – 100 километри на час пристигнуваат за респектабилни 11 секунди, додека максималната брзина е 193 километри на час, односно до 120 километри на час „на струја.“

Не е за занемарување ниту автономијата „на струја“. Kia ветува 60 километри, но во реалноста можете да очекувате околу 45-50 километри на електрична енергија во градски услови – би рекле повеќе од доволно за дневните потреби на еден просечен македонски возач. И во такви услови потрошувачката е точно Нула Литри Бензин на 100 Изминати Километри.

Инаку, во регуларен, хибриден режим на работа кога се активира и бензинскиот мотор можете да очекувате потрошувачка од некаде меѓу 3 и 4 литри бензин на 100 изминати километри. Испразнете ја целосно батеријата и Xceed станува „обичен“ хибриден автомобил кој троши околу 6-7 литри бензин на 100 километри во град, во зависност од начинот на кој го возите, секако.

Но вистината е дека како и секој друг плаг-ин хибриден автомобил, магијата на Xceed е токму во редовното полнење и правилното користење на плаг-ин хибридниот погон. Бидејќи ако не го правите тоа, тогаш е исто како да користите батериска „штрафилица“ со празни батерии – може, не дека не може, но дали тоа е навистина правилниот начин? Полнењето трае нешто повеќе од 2 часа.

И возењето на струја одлично му прилега на Xceed. Благодарение на нијанса повисоката суспензија, Xceed е рафиниран и комфорен – но истовремено и доволно динамичен. Суспензијата на плаг-ин хибридниот Xceed е дополнително доработена и рекалибрирана поради зголемената тежина (Xceed Phev е потежок од регуларниот Xceed за околу 110 килограми) но токму поради тоа сега автомобилот е помирен и порафиниран, и подобро ги пегла нерамнините од нашите улици.

Поврзано:  Македонска ренесанса на Kia Picanto!

Кога е потребен, бензинецот се вклучува скоро незабележително, а автоматскиот менувач со двојна спојка одлично си ја „брка“ работата и го нема она препознатливото „завивање“ кое е карактеристично за CVT менувачите кај некои од конкурентите. При притискање на педалата за гас „до даска“ реакцијата на погонот е безмалку инстантна и чувството е дека перформансите се многу, многу подобри од оние официјалните, а Xceed успева да ја смени насоката на движење подготвено и самоуверено, со леснотија која успешно ја крие неговата (нијанса поголема) тежина.

Комфорна, практична и богато-опремена кабина

Инаку, ова е истиот одличен и практичен Xceed кој веќе го познаваме. Со освежувањата во кабината, Xceed добива нови дигитални инструменти поставени на огромен 12.3-инчен екран (со специјален режим специјално подготвен за плаг-ин хибридната варијанта), како и нов 10.25-инчен централно-поставен мултимедијален уред.

Врвната опрема на тестираниот модел значеше дека добиваме и предни и задни седишта со загревање кои се делумно обвиени во кожа, сончев кров, паметен клуч, еден куп системи за безбедност и асистенција во возењето и многу, многу повеќе…

Единствен компромис е направен во однос на багажниот простор кој поради батериите е намален од 426 на 291 литар (односно 1243 литри со преклопена задна клупа).

Xceed е веќе редовен на нашите улици, а плаг-ин хибридниот погон е паметен избор за оние кои знаат како да го искористат

Како што рековме, Xceed е веќе редовен и на нашите страници и на нашите улици. Веќе добро ги знаеме неговите квалитети и одговорно тврдиме дека за многумина е подобар избор од конвенционален SUV. Новиот, плаг-ин хибриден погон само гради врз тие постоечки, поставени квалитети. Xceed PHEV е паметен избор за оние кои ќе ги препознаат неговите квалитети и ќе знаат да го искористат погонот на вистинскиот начин. Со оглед на флуктуациите на цените на горивата, 100 километри за помалку од 100 денари звучат одлично, нели?

Поврзано:  KIA подготви темелно освежување за мега-популарниот Sportage

Спецификации

Модел: Kia Xceed 1.6 GDI DCT PHEV Executive
Мотор: 1.6-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 105 коњски сили / 5700 вртежи во минута
Вртежен Момент: 147 Nm / 4000 вртежи во минута
Моќност (електромотор): 61 коњскa силa
Вртежен Момент (електромотор): 170 Nm
Системска Моќност: 141 коњскa силa
Системски Вртежен Момент: 265 Nm
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
0-100 км/ч: 11 секунди
Максимална Брзина: 193 километри на час
Должина: 4395 mm
Ширина: 1826 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1485 mm
Тежина: 1593 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2650 mm
Багажен Простор: 291 – 1243 литри
Потрошувачка: 3.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: KIA Xceed 1.5 T-GDI 160 DCT7 Executive – 27.950 Евра
Цена на тестираниот модел: Kia Xceed 1.6 GDI DCT PHEV Executive – 39.950 Евра
Повеќе Информации: KIA.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.