ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави новиот Tiguan! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави новиот Tiguan!

Третата генерација на супер-популарниот SUV на Volkswagen добива и плаг-ин хибридна варијанта која ќе може да помине 100 километри со едно полнење на батериите!

Новиот Tiguan е поставен на најновата MQB Evo архитектура на Volkswagen групацијата која ќе ја дели со новиот Golf, Passat, Audi A3, итн. Благодарение на новата платформа, Tiguan има пристап до најновите технологии, но и најновите погонски конфигурации кои Volkswagen групацијата ги има во своето портфолио.

Сепак, пред да зборуваме за тоа, ајде прво за дизајнот – Tiguan е модернизиран и малку омекнат со комбинација од меки линии и поостри детали и агли.

Мускулестиот облик на новиот Tiguan му дава подинамичен лик – особено кога ќе ги погледнеме исфрлените крила и затегнатат карактерина линија. На предниот дел вниманието оди кон светлата и огромните отвори за воздух, додека на задниот дел вниманието го привлекува светлосната конфигурација и големиот заден браник.

R-Line моделите добиваат уште поагресивни браници и наметливи отвори за воздух кои го нагласуваат динамичниот карактер.

Кабината влече инспирација од новиот Passat, но оди во уште посовремена насока. На централната конзола едноставно доминира големиот екран на кој се поставени прилагодливи кратенки до главните функционалности. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти и исто како кај Passat, и кај Tiguan рачката за менувачот е поставена на управувачкиот столб со цел да се ослободи простор во конзолата меѓу возачот и совозачот, на која е поставен и ротирачкиот контролер со вграден дисплеј наменет за контролирање на мултимедијалниот уред. Управувачот добива конвенционални копчиња „на стискање“.

Секако, кабината и понатаму ќе има одлична просторна понуда и одлична практичност. Од Volkswagen ги истакнуваат практичните детали – USB-C приклучоците за полнење, целата лепеза на места за одлагање дребулии, можноста да се нарачаат навистина премиум додатоци, како и багажниот простор со капацитет од 650 литри.

Поврзано:  СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 - Со ПХЕВ на годишен одмор?

Еволуцијата на Tiguan продолжува и кај погонските единици. Бидејќи новиот Tiguan ќе се нуди само во Европа, и погоните се прилагодени кон европските вкусови и потреби. Главното внимание оди кај новите плаг-ин хибридни верзии кои користат батерија со капацитет од 19.7 kWh, која пак може да се полни со максимална моќност од 11 kW на AC полнач, односно 50 kW на DC полнач.

Понатаму, батеријата полни електромотор со моќност од 115 коњски сили, кој пак работи во соработка со 1.5-литарски TSI турбо-бензинец кој се нуди во две различни конфигурации – а со тоа се достапни две различни плаг-ин хибридни изведби – едната со 204 коњски сили, другата со 272 коњски сили. Силата оди кон предните тркала преку DSG автоматски менувач. Благодарение на сето ова, двете верзии ќе можат да поминат до 100 километри „на струја“ пред да треба воопшто да се активира моторот со внатрешно согорување.

За оние кои сакаат поедноставни погони, тука се eTSI турбо-бензинците со турбополначи со варијабилна геометрија, систем за деактивација на цилиндрите и 20-коњска асистенција. Исто како кај плаг-ин хибридните модели, силата се испорачува кон предните тркала преку DSG менувач. Секако, тука е и незаменливиот 2-литарски TDI турбодизел кој ќе испорачува 150 или 190 коњски сили.

Оние кои сакаат врвни перформанси и погон на сите четири тркала ќе можат да ги добијат само во комбинација со 2-литарскиот турбо-бензинец кој ќе се нуди во две конфигурации – со 201 коњска сила или со 265 коњски сили. Од Volkswagen гордо кажуваат дека 4Motion системот за погон на четири тркала е усовршен и порафиниран со цел да се намалат вибрациите, а кај Tiguan за прв пат е достапна DCC Pro адаптивната суспензија (која неодамна дебитираше и кај Passat). Овој систем ветува уште повеќе комфор и динамичност.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Освежениот Golf R има 333 коњски сили!

Според најавеното, продажбата на новиот Tiguan ќе започне во првите неколку месеци од следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.