По темелното освежување на Cayenne, Porsche ја подготвува и новата Panamera, за која најавува дека ќе добие дури четири плаг-ин хибридни верзии.
Откако го освежи Cayenne (кој ние го возевме во Лајпциг), Porsche најавува нова, трета генерација од својот луксузен спортски седан (и караван). Panamera ќе дебитира на 24-ти Ноември во Дубаи на Icons of Porsche фестивалот. Истовремено, пристигна интересна најава од Porsche – Panamera ќе добие проширување на погонската понуда и во понудата ќе има дури четири различни плаг-ин хибридни погони.
Зошто? Ќе дозволиме прашањето да го одговори Dr. Thomas Friemuth кој е на чело на Panamera продуктната линија во Porsche – „Откако веќе понудивме три E-Hybrid погонски опции за втората генерерација на Panamera, ќе понудиме нов, четврт плаг-ин хибриден погон за новата Panamera. Ова е наш одговор за огромната побарувачка од нашите клиенти. Во некои земји учеството E-Hybrid во продажбата на Panamera е 100 проценти. Новата варијанта е со супер-високи перформанси и одлично се вклопува во понудата.“
Со оваа најава, пристигна и информацијата дека Panamera ќе добие нова, поголема батерија со капацитет од 25.9 kWh (на местото на постоечката со капацитет од 17.9 kWh) како и нов електромотор. Според најавите, ова би требало да овозможи и зголемена автономија на електрична енергија како и зголемена моќност на сите варијанти. Колку за потсетување, сегашната Panamera може да се добие како E-Hybrid со 462 коњски сили, S E-Hybrid со 552 коњски сили (овие две изведби користат 2.9-литарски твин-турбо V6) или како Turbo S E-Hybrid со 700 коњски сили (и 4-литарски твин-турбо V8).
Ќе видиме дали новата изведба ќе биде некаде измеѓу двете најмоќни верзии или ќе има повеќе од 700 коњски сили и ќе биде на самиот врв на понудата. Не би биле изненадени ако Porsche понуди погон налик на оној кај новиот Cayenne E-Hybrid кој има вкупно 739 коњски сили.
Porsche најавува и надградби на суспензијата, моторите со внатрешно согорување и системите за полнење на плаг-ин хибридните модели. Во меѓувреме, се привршуваат тестирањата и останува само да бидеме трпеливи и да ја чекаме премиерата.