ПРЕМИЕРА: Peugeot го достигнува следното ниво со новиот e-3008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot го достигнува следното ниво со новиот e-3008!

Peugeot пред само неколку моменти го претстави новиот е-3008, за кој кажува дека е „Електричен Fastback SUV од следното ниво“!

Со лансирањето на новиот Е-3008, Peugeot го заменува својот бест-селер со нов, радикален и динамичен „Fastback SUV“. Францускиот бренд го трансформираше 3008 и достигнува сосем ново ниво на креативност во сојот дизајн, но и ново ниво на уживање во возењето и електрични перформанси. Повторно, Peugeot ги следи своите начела за Allure, Emotion и Excellence – и во овој случај Allure се однесува на новиот SUV со нов, ефикасен дизајн, Emotion се однесува на емоциите креирани од новиот Peugeot Panoramic i-Cockpit, додека Excellence се онесува на врвната електрична автономија до 700 километри благодарение на новата STLA Medium платформа.

Да, новиот Е-3008 е првиот модел изграден врз новата STLA Medium платформа на концернот Stellantis. Новата платформа е дизајнирана да понуди врвни перформанси за најважните критериуми – досегот на електрична енергија, брзината на полнење, уживањето во возењето и поврзаните услуги и функционалности.

Од Peugeot гордо кажуваат дека E-3008 го издигнува креативниот дизајн на следното ниво. Стајлингот и формата се радикални и храбри а опаѓачката кровна линија му дава атлетски, динамичен став. Предниот дел е хај-тек со радикални нови предни светла и препознатливите дневни светла кои се карактеристични за брендот. Ултра-компактните предни светла се вдомени во тенка, елегантна форма над предната маска и се „мотаат“ околу целиот преден дел. Сите изведби ќе добијат LED светла.

Сличен пристап има и профилот – лебдечкиот заден спојлер ја нагласува формата на E-3008 и ја подобрува аеродинамиката.

Истовремено, Peugeot воведува и интересни нови решенија – како на пример, скриените кедери на прозорците ја потенцираат луксузната, рафинирана природа на електричниот SUV. Тука се и несекојдневните нови тркала со димензии од 19 и 20 инчи. Ваквите несекојдневни тркала веќе дебитираа кај 408, а сега ја гледаме втората генерација токму кај Е-3008.

Динамичен е и задниот дел – секако, тука се препознатливите троделни задни светла (кои асоцираат на канџи), како и гордата ознака Peugeot. Од Peugeot напоменуваат дека без разлика на одбраната погонска конфигурација, 3008 ќе нуди многу комфор во кабината, како и багажен простор од 520 литри.

Поврзано:  ТЕСТ: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT - Поинаков SUV.

Кога сме кај кабината – кај E-3008 дебитира новиот Panoramic i-Cockpit. Како што веќе знаеме, i-Cockpit е дефиниран од огромниот, 21-инчен лебдечки екран, а самата кабина ќе може да се персонализира во 8 различни бои. 21-инчниот екран на i-Cockpit системот дискретно закривен кон возачот но истовремено е достапен и за совозачот. На левата страна е панелот со инструменти додека на десната страна се контролите за клима-уредот, навигацијата, мултимедијалните содржини, системите за поврзување, итн. Allure верзиите ќе добијат Panoramic i-Cockpit кој е изграден од два 10-инчни екрани, додека GT верзијата ќе добие еден 21-инчен екран.

Кабината добива и врвни AGR седишта а ќе може да се нарача и систем кој автоматски ќе ја прилагоди формата на седиштата кон телото на возачот и совозачот. Е-3008 добива и Air Quality System кој ќе го следи квалитетот на воздухот во кабината и по потреба автоматски ќе активира рециркулација на воздухот. Интересен новитет е и Clean Cabin системот кај GT кој филтрира гасови и честички кои загадуваат. За вистинските уживатели во добрата музика тука е Focal Premium Hi-Fi системот кој вклучува 10 звучници.

Новиот Е-3008 ќе нуди четири различни режими на возење – Normal, Eco, Sport и 4WD –  и ветува дека ќе биде агилен во градски услови но и стабилен и безбеден на отворен пат. Истовремено, ќе нуди и грст надградени можности за полу-автономно управување и ќе може полу-автономно да ја менува и коловозната лента.

E-3008 ќе се нуди во три различни погонски конфигурации. Првата е со погон на две тркала, 210 коњски сили и автономија од 525 километри. Втората е со два електромотори, погон на сите четири тркала, 320 коњски сили и автономија од 525 километри. Третата, Long Range опција е со 230 коњски сили, погон на две тркала и автономоија од импресивни 700 километри според WLTP. Новата генерација на електромотори нуди исклучителна ефикасност и врвни перформанси – верзиите со погон на две тркала испорачуваат 210 или 230 коњски сили и 343 Nm вртежен момент, додека верзиите со погон на сите четири тркала испорачуваат вкупно 320 коњски сили и 343 Nm на предните тркала и 166 Nm на задните тркала.

Поврзано:  Peugeot ја комплетира електричната понуда со новиот Е-408

Задолжена за напојување на електромоторите е нова 400-волтна литиум-јонска батерија. Помалата батерија е со капацитет од 73 KWh, додека Long Range верзијата добива поголема батерија со капацитет од 98 kWh. Без разлика на конфигурацијата, батеријата е со гаранција дека ќе задржи над 70% од капацитетот во период од 8 години или 160.000 километри. Е-3008 стандардно ќе доаѓа со 11 kW трофазен полнач или по нарачка со побрз 22 kW трофазен полнач. Доколку имате пристап до брз DC полнач, батеријата ќе може да се полни со максимални 160 kW, односно полнење на батеријата од 20% до 80% за 30 (или помалку од 30) минути.

Peugeot напоменува дека во зависност од пазарната побарувачка, на одредени пазари ќе бидат понудени хибридни и плаг-ин хибридни погони, како и уште еден (најверојатно конвенционален бензински) погон наменет за интернационалните пазари.

Новиот E-3008 ќе се произведува во фабриката на Peugeot во Сошо, Франција а продажбата ќе започне во Февруари следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.