Jeep неодамна го освежи Wrangler за домашниот, американски пазар – но од денес новиот Wrangler е достапен и на европско тло.
Со освежувањето, Wrangler добива редизајнирана предна маска на ладилникот која сега има пониски, нијанса пошироки и поисправени вертикални отвори за која од Jeep кажуваат дека дозволува подобар проток на воздух и подобро ладење. Достапни ќе бидат нови дизајни за тркалата (со димензии од 17 до 20 инчи) како и нови опции за возење под отворено небо. Секако, тука се и 10-те различни бои кои се достапни за Wrangler.
Дополнителни и позабележливи технолошки надградби има во кабината која добива нов 12.3-инчен инфозабавен систем базиран на Uconnect 5 системот на Stellantis, кој пак е базиран на Android. Кабината добива и нови седишта кои се прилагодуваат во 12 насоки, како и нови системи за безбедност. Од Jeep потенцираат дека за прв пат и првиот и вториот ред во кабината стандардно ќе имаат странични воздушни перничиња, а стандардни ќе бидат и системот за препознавање замор кај возачот, систем за следење на коловозната лента како и систем за препознавање сообраќајни знаци. Секако, ова е само мал дел од вкупно 85-те различни системи за безбедност достапни кај Wrangler.
На европските купувачи ќе им бидат достапни врвните Sahara и Rubicon изведби на Wrangler. На одредени пазари Wrangler ќе може да се добие со 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 272 коњкси сили и 400 Nm вртежен момент и ги исполнува најстрогите EURO 6D-Final стандарди. Главниот фокус ќе биде даден на плаг-ин хибридниот Wrangler 4xe кој комбинира 2-литарски турбо-бензинец со електромотор поставен на задната оска и батерија со капацитет од 17 kWh. Автономијата на електрична енергија е 51 километар, додека вкупната системска моќност е 380 коњски сили и 637 Nm вртежен момент.