ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID.X Performance е најава за електричен седан со 558 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID.X Performance е најава за електричен седан со 558 коњски сили!

Со претставувањето на ID.X Performance, Volkswagen го одговори прашањето „А каде е брзата верзија на ID.7?”

Откако минатата недела Volkswagen ни го покажа спектакуларниот ID. GTI концепт, сега го гледаме ID.X Performance. Иако ова е само концепт, познавачите кажуваат дека Volkswagen го опипува пулсот на потенцијалните купувачи за можно сериско производство на брзиот седан со 550 коњски сили. Германскиот бренд го претстави концептот во Локарно, Швајцарија на ID.Treffen настанот.

ID.X Performance добива агресивни нови браници, нагласени странични прагови и огромен заден спојлер на задниот дел. На задниот дел забележуваме и нагласен заден дифузер кој како и предниот сплитер и задниот спојлер е направен од карбон. Крилата се дискретно проширени за во нив да собере големи 20-инчни тркала обвиени во спортски Michelin Pilot Sport Cup пневматици а суспензијата е спуштена за цели 60 (!!) милиметри.

Задолжени за задвижување на ID.X Performance се два електромотори кои кон сите четири тркала испорачуваат моќни 558 коњски сили. Сега за сега Volkswagen не објавува информации околу перформансите, но со оглед на моќта на електромоторите и начинот на кој ја испорачуваат таа моќ можеме да очекуваме катапулт до 100 километри на час за околу (или помалку од) 4 секунди.

Кабината добива грст спортски детали – поспортски управувач, црвено амбиентално осветлување и црвени шевови, но и карбонски седишта. Искрено – се надеваме дека Volkswagen ќе лансира ваква екстремна верзија на ID.7 во сериско производство бидејќи токму ваквите автомобили ја будат страста кај оние кои навистина уживаат во возењето. Да се надеваме!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.