Германскиот бренд во Минхен го претстави визионерскиот концептен автомобил кој е толку напреден – се вика Experimental!
Еднаш веќе пишувавме за Experimental кога Opel ни го претстави „виртуелно“ – но неговата официјална премиера се случи токму во Минхен и едноставно моравме повторно да го погледнеме. Од Opel кажуваат дека Experimental во целост илустрира како тие ја замислуваат сопствената иднина – електрична, лесна и возбудлива! Токму со овие зборови, главниот извршен директор на Opel – Florian Huettl – го претстави концептот во Минхен.
Острата силуета на Experimental едноставно се истакнува и преку надворешно осветлување и храбрите, контрастни графички елементи кои го заменуваат традиционалниот, здодевен хром. Овие елементи го нагласуваат неговиот идентитет и ја истакнуваат неговата софистицираност. Драматичниот профил е со храбар и чист дизајн а чистите површини само го истакнуваат присуството на овој импресивен кросовер.
На предниот дел доминира осветлениот нов Opel Blitz, поставен во самиот центар на Opel Compass. Околу него се широките хоризонтални предни светла а осветлениот вертикален елемент додава храбар дизајнерски ефект. Сличен е ефектот и на задниот дел – Compass светлосниот потпис се добива со нагласено но сепак тенко осветлување и во комбинација со буквите Opel наместо традиционално лого на задниот дел формира централен, препознатлив елемент.
Кабината импресионира со чувство на просторност, добиено преку ослободување што е можно повеќе простор. Управувачот се вовлекува кога не е потребен благодарение на напредниот Steer by Wire систем. Лесните адаптивни седишта комбинираат силна но лесна структура со напредни текстилни површини – сè со цел да се добие футуристички но достапен концепт за ентериерот.