Новата, петта генерација на Scenic ја добива ознаката E-Tech и се трансформира од супер-практичен миниван во целосно-електричен семеен кросовер.
Уште на првиот контакт, новиот Scenic E-Tech ни наликува на новиот Renault Rafale. На предниот дел вниманието оди кон предните светла и предната маска која има интересна текстура. Автомобилот е поставен на огромни 20-инчни тркала, а забележуваме и детали кои ги очекуваме кај поскапите брендови – мазни рачки на вратите, алуминиумски детали на екстериерот и темни задни светла. Scenic E-Tech е долг скоро 4.5 метри и широк безмалку два метри – и со тоа е забележително поголем од неодамна-пензионираниот Scenic од четвртата генерација.
Scenic E-Tech е поставен на новата CMF-EV архитектура која веќе се користи за електричните Megane E-Tech и Nissan Ariya и ќе биде достапен со две батерии и две различни моторни изведби. Во неговата основна варијанта, Scenic E-Tech ќе добие електромотор кој испорачува 170 коњски сили и 280 Nm, како и батериски модул со капацитет од 60 kWh кој би требало да овозможи автономија од над 400 километри. Оваа верзија ќе забрзува до 100 километри на час за 9.3 секунди, додека максималната брзина е 150 километри на час.
Врвниот Scenic E-Tech ќе добие помоќен електромотор кој испорачува 218 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, како и батерија со капацитет од 87 kWh. Оваа конфигурација се очекува да има автономија од над 600 километри, но и ќе може да забрза „до стотка“ за 8.4 секунди и да достигне 170 километри на час.
Кабината е многу слична на кабината кај новиот Austral кој неодамна го возевме. Во ентериерот доминираат екраните кои се насочени кон возачот – еден наменет за инструментите, вториот поставен вертикално на централната конзола. Од Renault гордо кажуваат дека огромен процент (над 80%) од материјалите во кабината се добиени од рециклирани ресурси и дека токму со ваквиот пристап ја потенцираат својата утврдена насока кон одржлива иднина.
Достапни ќе бидат три нивоа на опрема – Techno, Esprit Alpine и врвниот Iconic. Пазарното лансирање е предвидено за почетокот на следната година.