ПРЕМИЕРА: Vision Neue Klasse е конкретна најава за електричната иднина на BMW – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Vision Neue Klasse е конкретна најава за електричната иднина на BMW

Со Vision Neue Klassе концептниот автомобил, германскиот производител ја најавува насоката во која ќе се движи во годините кои доаѓаат.

На германски Neue Klasse значи Нова Класа – и тоа е многу внимателно избрано име. Ова е еден од оние концепти за кои без никаква хипербола можеме да кажеме дека е многу, многу важен за автомобилската индустрија. Во одредени сегменти BMW секогаш ги наметнувал стандардите и ги поставувал основите со кои ќе се споредуваат сите други – и мислиме дека токму со Vision Neue Klasse ги најавува автомобилите кои повторно ќе го направат токму тоа. Всушност, Vision Neue Klasse најавува целосно-нова филозофија која ќе биде основа за идните генерации на BMW.

Со Neue Klasse, BMW ја претставува новата дизајнерска насока во која ќе се движи во иднина. BMW веќе најави некои дизајнерски решенија низ неколку концепти изминативе неколку години, но она кое го гледаме денес е навистина блиску до серискиот автомобил кој ќе пристигне за две години. Концептот е голем колку Серијата 3 и всушност силно го навестува дизајнот на новата „Тројка“ која треба да дебитира кон средината на декадава.

Со дизајнот на Neue Klasse, BMW физички ни покажува како ќе изгледаат „бубрезите“ на BMW за само неколку години. „Дизајнот на Neue Klasse е типичен за BMW, но истовремено и толку прогресивен што изгледа како да сме прескокнале една цела генерација.“ – изјави Adrian van Hooydon, одговорниот за дизајн во BMW.

Истовремено, кај Neue Klasse дебитира и нова платформа која е подеднакво важна како и дизајнот „замотан“ околу неа. Целосно-новата архитектура за електрични возила ќе пристигне во 2025, но таа е исклучиво наменета за електрични возила и нема да има можност за хибридни погони или пак конвенционални мотори – ова е „мапата“ која BMW ќе ја следи при транзицијата кон целосно-електричен производител до крајот на декадата. Според најавеното, во следните четири години ќе бидат претставни четири различни меѓуоскини растојанија кои ќе бидат основа за повеќето автомобили во понудата на BMW – од малата Серија 1 па сè до огромниот X7.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: BMW Серија 1 M135 (и 120): Нова генерација на ултимативниот хот хеч

Што значи тоа? Од BMW кажуваат дека батериите ќе бидат со 20% поголема густина на енергија и дека ќе нудат 30% поголема автономија во однос на денешните електрични модели. Исто така, се најавува полнење кое ќе биде 30% побрзо, а вкупната ефикасност на автомобилот ќе биде подобрена за околу 25% и најголемиот придонес кон ова ќе дојде од погонот, пневматиците, аеродинамиката, намалената тежина, лежиштата и сопирачките.

Новиот погон ќе биде поставен на 800-волтна архитектура и ќе се префрли од призматични кон кружни Lithium Iron Phosphate (LFP) и NMC батериите. Платформата ќе овозможи да се користат меѓу еден и четири електромотори и ќе нуди одлични термални перформанси. Немаме конкретни информации за капацитетот на батериите, но знаеме дека ќе ги испорачуваат гигантите CATL, EDE и Northvolt од фабрики во Европа, Кина и САД. Се очекуваат капацитет од 75, 90 и 105 kWh. Инженерите тврдат дека за само 12 минути полнење батериите ќе овозможат да се поминат околу 320 километри.

BMW прави огромен чекор и во ентериерот на Neue Klasse. Во кабината нема кожа ниту хромирани елементи – има еко-прифатливи материјали и „минимализам на најјако“. Минималистичкиот пристап во кабината повторно го потврдува ставот на BMW дека физичките прекинувачи едноставно не се потребни и можат да бидат заменети со гласовни команди, команди на допри и разно-разни гестикулации.

Пред возачот нема конвенционални инструменти – сè се прикажува на тенок дисплеј широк колку целата конзола, додека на централниот дел на конзолата има еден дисплеј.

Дали е храбра изјавата на Van Hooydonk дека Neue Klasse скока цела една генерација? Можеби, но исчекорот е навистина голем. Со Neue Klasse, BMW директно ни најавува што да очекуваме во години кои доаѓаат. Баварскиот бренд веќе работи на адаптирање на фабриките за производство на електрични возила, а новата i Factory фабрика во Дебрецин, Унгарија ќе започне да произведува автомобили кон крајот на следната година.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Зад управувачот на новиот BMW X3


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.