ПРЕМИЕРА: Електрифициран, поголем и технолошки-понапреден – Volkswagen го претстави новиот Passat – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Електрифициран, поголем и технолошки-понапреден – Volkswagen го претстави новиот Passat

Passat ќе се нуди само како караван со грст електрифицирани турбо-бензински и турбодизел мотори и сега има уште поголем багажник со максимален капацитет од безмалку 2000 литри!

Кажете му добро утро и добредојде на новиот Volkswagen Passat. Незаменливиот (сега за сега) Passat досега е продаден во повеќе од 30 милиони примероци и германскиот производител само што ни го претстави новиот, поголем, електрифициран и технолошки-унапреден караван. Да, оваа генерација на Passat ќе се нуди исклучиво во караванска изведба каде просторот во кабината и багажниот простор играат особено важна улога. Па ајде на самиот старт да го продискутираме тоа – Passat има 50 милиметри подолго меѓуоскино растојание во однос на генерацијата која ја заменува – а тоа значи повеќе простор во кабината како на предните, така и на задните седишта, но и багажен простор со капацитет од 690 литри со исправена, односно дури 1920 литри со преклопена задна клупа.

Секако, Passat е поставен на MQB Evo платформата на Volkswagen групацијата, а тоа значи дека понудата на мотори останува прилично широка – „влез“ во Passat е лајт-хибридниот 1.5 eTSI со 150 коњски сили, додека скалило погоре е 2-литарскиот TSI кој испорачува 204 или 265 коњски сили. Фановите на турбодизелот имаат причина да се радуваат – во понудата останува 2-литарскиот TDI кој нуди 122, 150 или 193 коњски сили.

Тука се и неизбежните плаг-ин хибридни верзии кои комбинираат нов 1.5-литарски TSI evo2 со електромотор и батерија со капацитет од 19.7 kWh. Плаг-ин хибридниот погон е достапен во две верзии – едната со 204, другата со 272 коњски сили. Највено е дека плаг-ин хибридниот Passat eHybrid ќе може да помине до 100 километри на електрична енергија.

Во сите изведби силата се пренесува преку DSG менувач (кај конвенционалните верзии со 7 брзини, кај плаг-ин хибридните со 6 брзини) а најмоќниот бензинец и најмоќниот турбодизел доаѓаат со 4Motion погон на сите четири тркала. Новиот Passat за прв пат добива и Vehicle Dynamics Manager кој го контролира работењето на електронските диференцијали (XDS) и динамиката на најновата генерација на адаптивната шасија на Volkswagen во форма на DCC Pro. Сето ова ветува неутрално, стабилно, агилно и прецизно управување.

Поврзано:  СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 - Со ПХЕВ на годишен одмор?

Кабината на новиот Passat е исклучително модерна – на централната конзола доминира 15-инчниот екран наменет за мултимедијалниот уред, но достапен ќе биде и нијанса помал, 12.9-инчен екран. Без разлика на верзијата, пред возачот е поставен дигитален панел со три различни режими на приказ на инструментите.

Централниот гребен меѓу возачот и совозачот е исклучително чист и практичен – рачката од менувачот е преместена на управувачкиот столб. Препознаваме и современи материјали и текстури во кабината, како и многу практични детали – од безжичен полнач за мобилни телефони, па сè до многу места за одлагање дребулии, но и хај-тек решенија како големиот хед-ап дисплеј и ErgoActive седиштата со климатизација и масажа. Просторот за нозе на задната клупа е зголемен за одлични 50 милиметри.

Новиот Passat ќе биде достапен во четири верзии – основата верзија ќе се вика едноставно Passat, додека над основниот модел ќе бидат достапни Passat Business, Passat Elegance и поспортскиот Passat R-Line кој добива и подинамични браници, поголеми тркала и грст други поспортски детали.

Новиот Passat Variant се очекува да пристигне на пазарот во првата половина од следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.