ПРЕМИЕРА: Што ако Ford Mustang беше супер-автомобил? Mustang GTD е токму тоа! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Што ако Ford Mustang беше супер-автомобил? Mustang GTD е токму тоа!

Срцето на Mustang GTD (и не, не е турбодизел) е специјално-развиен компресорски 5.2-литарски V8 кој врти до над 7500 вртежи во минута и испорачува повеќе од 800 коњски сили!

Од Ford кажуваат дека Mustang GTD (никаква поврзаност со Golf GTD, очигледно) е нешто поинакво. Mustang GTD зема инспирација и технологии директно од GT3 тркачките автомобили а Ford најавува дека очекува дека ќе направи круг околу Nurburgring за помалку од 7 минути.

Всушност, приказната за Mustang GTD најдобро ја објаснува Jim Farley, главниот извршен директор на Ford – „Mustang GTD ги крши сите однапред-замислени идеи и поими за еден супер-автомобил. Ова е нов пристап за нас – не развивме уличен автомобил за патеката, туку направивме тркачки автомобил за улиците. Mustang GTD зема технологии од нашиот тркачки автомобил, ја замотува во карбонско тело и ја ослободува на улиците.“

Секако, освен моќниот 5.2-литарски V8, Mustang GTD добива и темелни модификации „под кожата“ – добива напредна полу-активна суспензија со адаптивни амортизери, како и хидраулично нагодување на висината. Компонентите овозможуваат поголема цврстина, а тука свој удел има и дополнителниот сабфрејм кој потекнува директно од тркачките автомобили. Дополнително, Mustang GTD е поставен на 20-инчни ковани алуминиумски (или магнезиумски) тркала обвиени во супер-спортски пневматици. Тркалата кријат карбон-керамички сопирачки од Brembo.

Многу, многу внимание е посветено на аеродинамиката. Инженерите на Ford под автомобилот поставиле дополнителен панел за насочување на воздухот, а хидраулично-контролирани предни клапи го подобруваат текот на воздухот. Крилата, поклопецот на моторот, поклопецот на багажниот простор, делови од вратите, целиот преден сплитер, заден дифузер и кров се изработени од карбон, а задниот спојлер се контролира хидраулично за да може да понуди различни нивоа на потисна сила.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Сега за сега немаме фотографии од ентериерот, но Ford кажува дека Mustang GTD ќе добие Recaro спортски седишта и многу 3д-испечатени компоненти во кабината. Најавено е дека купувачите ќе можат да го нарачаат Mustang GTD во која боја и да сакаат, но и дека ќе бидат достапни неколку различни комбинации на бои и многу опции за материјали во кабината.

Цената не е позната, но неофицијално се дискутира бројка од околу 300.000 Долари. Секој автомобил ќе започне со производство во фабриката на Ford во Flat Rock а ќе заврши со рачно изработување во погонот на Multimatic во Канада. Истовремено, ако навистина има повеќе од 800 коњски сили, Mustang GTD ќе биде најмоќниот сериски Mustang во историјата.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.