ПРЕМИЕРА: Zenvo Aurora е луд мега-автомобил со хибриден V12 и 1850 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Zenvo Aurora е луд мега-автомобил со хибриден V12 и 1850 коњски сили!

Новата Zenvo Aurora е достапна во две драстично-различни конфигурации – едната е ориентирана кон возење на тркачки патеки, додека другата е замислена да понуди максимални перформанси на улиците.

Двете конфигурации на Aurora се викаат Agil (онаа за тркачките патеки) и Tur (онаа наменета за возење на улици) и обете се изградени околу ZM1 модуларната платформа на Zenvo. Според нив, оваа монокок платформа овозможува супер-цврста структура иако тежи само 120 килограми.

Моторот е развиен од Mahle Powertrain. Средно-поставениот 6.6-литарски V12 тежи само 260 килограми, а со него соработуваат четири турбополначи. Моторот „врти“ до скоро неверојатни 9800 вртежи во минута и испорачува дури 1250 коњски сили и 1400 Nm. Но – како што би рекле на оние рекламите – тоа не е сè! Хибридниот систем во Agil изведбата користи дополнителен електромотор кој овозможува системски 1470 коњски сили кои се испорачуваат кон задните тркала.

Aurora Agil добива само еден електромотор со цел да се намали тежината и да се обезбедат најдобрите можни перформанси на тркачките патеки. Резултат на сето ова? 100 километри на час за само 2.5 секунди и максимална брзина од 365 километри на час.

Од друга страна, Aurora Tur добива два дополнителни електромотори кои ги задвижуваат предните тркала. Да, тие со себе носат и екстра тежина, но не можеме да ги негираме резултатите – 1850 коњски сили и 1700 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат 100 километри на час за 2.3 секунди и максимални (подгответе се) 450 километри на час!

Ќе бидат произведени по само 50 примероци од Aurora Agil и Aurora Tur. Според Zenvo, производството ќе започне во 2025 во седиштето на компанијата во Præstø, Данска. Цените не се објавени, но сигурно ќе бидат височки.

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.