ПРЕМИЕРА: 911 S/T – Роденденски подарок од Porsche за Porsche! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: 911 S/T – Роденденски подарок од Porsche за Porsche!

Како се слави 60-годишнината на Porsche 911? Со специјална изведба, наменета за оние кои сакаат навистина да уживаат во возењето и во најдобрите страни на ненадминливиот спортски автомобил!

Годинава е важна година за Porsche – не само што го прославува својот 75-ти роденден (кој се славеше глобално, па и кај нас во Македонија) туку се прославува и 60-годишнината од најверојатно најпрепознатливата значка во историјата на автомобилите – Porsche 911. И токму во чест на роденденот на 911, Porsche го подготви специјалниот 911 S/T.

Што добиваме со 911 S/T? Секако, започнуваме со 911, во кој е вграден 4-литарскиот атмосферски шест-цилиндерски боксер кој потекнува од GT3 RS, врти до максимални 9000 вртежи во минута и испорачува 525 коњски сили. Овој спектакуларен мотор е искомбиниран со 6-степен мануелен менувач и ја пренесува силата кон задните тркала. Шасијата е нагодена да испорачува максимално уживање во возење на пат наместо на патека, но секако – доколку имате пристап до тркачка патека, 911 S/T нема да разочара.

Менувачот користи специјална, супер-лесна спојка и лесен едномасен замаец – тоа значи дека ротирачката маса на погонот е значително намалена (за 10.4 килограми), што пак значи дека секое притискање на педалата за гас резултира со инстантна реакција!

Секако, олеснувањето не завршува таму – предниот поклопец, кровот, предните крила, вратите и делови од задниот дел се изработени од карбон и CFRP. Дополнително, добива и магнезиумски тркала, керамички сопирачки, лесен литиумски акумулатор и потенко, полесно стакло. Сето тоа значи дека 911 S/T тежи само 1380 килограми – и тоа со сите течности. А тоа го прави најлесниот 911 кој во моментов се нуди.

Поврзано:  Ексклузивна македонска премиера на новиот Porsche 911

Перформансите? Според официјалните податоци 911 S/T забрзува до 100 километри на час за само 3.7 секунди и достигнува одлични 300 километри на час.

911 S/T ќе биде достапен во специјални, историски бои и со декоративни елементи. За оние кои сакаат да се навратат на историјата на 911, тука е Heritage Design Package кој на купувачите им овозможува да го нарачаат својот 911 S/T во Shore Blue Metallic, односно да ја добијат специјалната Ceramica боја за тркалата. Доколку сакате, тука е и тркачкиот детал со бројка на вратите и купувачите ќе можат да изберат број меѓу 0 и 99.

Секако, 911 S/T ќе биде достапен во ограничени бројки, односно во 1963 примероци во чест на годината во која дебитираше 911. Побрзајте, количините се ограничени!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.