ПРЕМИЕРА: Новиот Toyota Land Cruiser пристигнува со моќен турбодизел! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Toyota Land Cruiser пристигнува со моќен турбодизел!

Toyota го претстави новиот Land Cruiser – легендарниот теренец се враќа кон корените и на почетокот на следната година ќе пристигне во Европа, каде ќе биде придвижуван од моќен 2.8-литарски турбодизел со 204 коњски сили!

Новиот Land Cruiser е базиран на GA-F платформата на Toyota која ја дели со огромниот Land Cruiser 300. Секако, бидејќи зборуваме токму за ова легендарно име, немаме воопшто причина да се сомневаме во неговите теренски способности. Toyota напоменува дека новата основа која се користи за Land Cruiser е цели 50% поцврста во однос на минатата генерација, а сето тоа би требало дополнително да придонесе кон теренските квалитети на незаменливиот теренец.

Истовремено, Toyota најави дека во Европа ќе го нуди Land Cruiser со 2.8-литарски турбодизел кој испоралува 204 коњски сили. Силата ќе ја пренесува кон сите четири тркала преку 8-брзински Direct Shift автоматски менувач и цела лепеза на заклучувачки диференцијали. Дали ќе биде овој мотор доволен за Land Cruiser? Ние веќе го возевме тековниот Land Cruiser опремен со овој мотор и немавме никакви забелешки ниту на перформансите, ниту на теренските можности – па немаме причина да се сомневаме ниту во неговиот наследник. Секако, фактот дека новиот Land Cruiser опремен со овој мотор може да влече до 3500 килограми дополнително сведочи за тоа.

Нормално, бидејќи се работи за Toyota, некаква електрификација е неизбежна – па јапонскиот производител најави дека во текот на 2025 на пазарот ќе пристигне уште една варијанта од овој погон, но во 48-волтна лајт-хибридна изведба. Друг интересен (и важен) новитет се откачувачките стабилизатори (disconnecting anti-roll bars, за оние кои ваквите термини ги преферираат на англиски) кои за прв пат ќе се вградуваат во модел на Toyota. Овој систем ќе овозможи  уште поголема артикулација на суспензијата, односно уште поуверливи таленти кога теренот ќе стане навистина комплициран.

Очекувано, Land Crusier е голем автомбил, долг безмалку 5 метри, широк скоро 2 метри и висок 1.9 метри. Меѓуоскиното растојание е 2850 милиметри а кабината ќе се нуди во конфигурација со 5 или 7 седишта. Надградени се и Multi-Terrain Monitor и Multi-Terrain Select системите кои нудат дополнителна поддршка при теренско возење. Системите овозможуваат јасен преглед на теренот околу и под автомобилот, како и автоматски прилагодување на перформансите за соодветно адаптирање кон различните теренски услови на возење.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

На самиот старт, Toyota ќе понуди специјална First Edition изведба на Land Cruiser која уште понагласено ќе се навраќа кон минатото благодарение на неколку интересни дизајнерски детали – најзабележливо кај кружните предни светла. Оваа специјална серија ќе биде произведена во само 3000 примероци и ќе биде достапна за оние кои први ќе го нарачаат новиот Land Cruiser.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.