Hyundai ги објави првите детали и фотографии од новиот голем SUV и кажува дека е радикален исчекор од тековниот модел – и не, не се шегуваат!
Со објавувањето на првите фотографии од новиот Santa Fe, Hyundai ги потврдува своите намери. Всушност, го опишуваат новиот модел како „радикално трансформираниот Santa Fe“ – и едноставно, мораме да се согласиме. Формата и дизајнот се супер-футуристички и насекаде околу автомобилот забележуваме дизјанерски детали во обликот на латиничната буква H – од предните светла, преку предниот браник, па сè до задните светла…
SangYup Lee, кој е на чело на глобалниот центар за дизајн на Hyundai кажува дека „Целосно-новиот Santa Fe е SUV кој ја наоѓа совршената рамнотежа меѓу градскиот живот и отворениот простор и успева да направи сè – да биде и семејно возило, и камперски авантури. Со продолженото меѓуоскино растојание и огромниот простор во задниот дел, новиот Santa Fe ги користи адутите на SUV за да нуди повеќе флексибилност од било кога досега – а сето тоа во премиум клиентско искуство.“
И едноставно мораме да се согласиме дека изгледа навистина спектакуларно! Храбриот дизајн манифестиран преку острите линии и чистите форми наметнува чувство на грандиозност и префинетост кое совршено му прилега на ваков голем SUV. Слична е приказната и во кабината, но сепак ентериерот е дизајниран да биде супер-рафиниран, просторен и практичен. И во кабината забележуваме H-форми, кои пак овозможуваат да се истакнат просторноста преку нагласување на вертикалните и хоризонталните површини.
Секако, неизбежни се и технологиите – пред возачот е поставен огромен закривен екран во кој се кријат два 12.3-инчни екрани, додека на централната конзола е поставен уште еден преку кој со комбинација од дигитални и физички контроли се манипулира со клима-уредот. Секако, Santa Fe ќе се нуди со седум седишта, а претпоставуваме дека ќе има и верзија со пет која како резултат на тоа ќе има уште поголем багажен простор.
Сега за сега нема никакви информации околу погоните на новиот Santa Fe, но Hyundai најавува дека ќе ги објави сите информации во текот на Август кога Santa Fe и официјално ќе биде претставен.