Lamborghini се подготвува за Le Mans со новиот SC63 LMDh тркачки прототип – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Lamborghini се подготвува за Le Mans со новиот SC63 LMDh тркачки прототип

Lamborghini ќе се натпреварува на трките за издржливост, а тоа ќе го прави во новиот SC63 LMDh тркачки автомобил со хибриден погон.

Новиот тркачки автомобил на Lamborghini има целосно-нов 3.8-литарски твин-турбо V8 кој е од старт развиен за тркање. Моторот е развиен во таканаречена Cold V конфигурација, односно турбополначите се поставени во V просторот од моторот – тоа ги подобрува перформансите благодарение на подобро ладење, а полесниот пристап прави сервисирањето да е полесно. Моторот е впарен со хибриден систем и целосниот погон испорачува (ограничени, согласно правилата) 680 коњски сили.

Истовремено, LMDh правилата наметнуваат и стандардизирани менувач, батерија и мотор-генератор. Ова е со цел трошоците да бидат релативно ниски, за да се привлечат повеќе брендови и компетитивноста да биде задржана.

Тркачкиот автомобил е дизајниран во Centro Stile дизајнерскиот центар на Lamborghini и има елементи кои се веднаш препознатливи – како на пример предните и задните светла во облик на буквата Y. Самиот автомобил е развиен во соработка со Ligier, чие искуство е искористено околу суспензијата, дистрибуцијата на тежина и лесниот пристап за одржување и сервисирање во текот на трките.

Најавено е дека SC63 наскоро ќе започне со интензивен процес на тестирање. Lamborghini ќе соработува со Iron Lynx и еден автомобил ќе се натпреварува на Светскиот Шампионат во Издржливост (World Endurance Championship – WEC) а тоа значи дека ќе се појави и на Le Mans, додека втор автомобил ќе се натпреварува на IMSA натпреварите во САД. Веќе се потврдени и неколку возачи – фабричките возачи на Lamborghini Mirko Bortolotti и Andrea Caldarelli, како и поранешните возачи во Ф1 Daniil Kvyat и Romain Grosjean.

Поврзано:  Lamborghini не размислува за електричен суперавтомобил


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.