ПРЕМИЕРА: Hyundai Ioniq 5 N е електричен мега-хечбек со 650 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Hyundai Ioniq 5 N е електричен мега-хечбек со 650 коњски сили!

Hyundai го искористи овогодинешниот Goodwood Festival of Speed за да го претстави првиот официјален, целосно-електричен продукт на N-дивизијата – моќниот Ioniq 5 N!

Веднаш да ги кажеме најважните бројки – Ioniq 5 N комбинира два електромотори за да испорача вкупно 650 коњски сили во N Grin Boost режимот. Предниот електромотор испорачува 226 коњски сили, задниот сипорачува 383 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 609 коњски сили, но во N Grin Boost таа сила расте на 650 коњски сили бидејќи предниот електромотор во тој случај испорачува 283 коњски сили а задниот уште 412.

Резултат на сето ова? Спринт до 100 километри на час за 3.4 секунди и максимални 260 километри на час!

Но – како што би рекле на рекламите на телевизија – тоа не е сѐ! Структурата на Ioniq 5 N има дополнителни 42 точки на заварување, како и дополнителни 2.1 метар структурни лепаци за да се зацврсне шасијата. Управувачкиот систем е зајакнат, а N Torque Distribution системот овозможува целосно-варијабилна дистрибуција на вртежниот момент и прилагодување на таа дистрибуција на 11 различни степени. N Drift Optimizer системот со интегриран Torque Kick функционалност овозможува симулирање на „пуштање на куплунгот“ како кај возило со погон на задните тркала.

Кога сме кај менувачот – Hyundai и тука има изненадување! Кај Ioniq 5 N дебитира N e-Shift кој симулира работа на 8-брзински автоматски менувач со двојна спојка. Овој систем ја контролира испораката на вртежен момент и симулира „удар“ налик на оној кај автоматските менувачи кај конвенционалните возила. Зошто? За да се подобри чувството на инволвираност во возењето. Слична улога има и N Active Sound+ кој користи осум внатрешни и два надворешни звучници за да симулира звук налик на 2-литарскиот турбо-бензинец на Hyundai. Тука е и Evolution опцијата која звучи ако RN22e, додека Supersonic опцијата влече инспирација од борбени авиони со два мотори.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Hyundai Santa Fe 1.6T Hybrid AWD Calligraphy - Нова димензија.

Техничките надградби продолжуваат со огромните, 400 милиметарски сопирачки на предните тркала, односно 360-милиметарски сопирачки на задните тркала. Системот за регенеративно сопирање може да генерира 0.6 G сила „кочење“, а од Hyundai кажуваат дека транзицијата од регенеративно кон конвенционално сопирање со хидрауличните сопирачки е незабележлива. Конечно, тука се и огромните 21-инчни тркала обвиени во Pirelli P Zero пневматици во димензии 275/35-21.

Инаку, Hyundai Ioniq 5 е цели 20 милиметри понизок, 50 милиметри поширок и 80 милиметри подолг од обичниот Ioniq 5. Предниот дел добива агресивен преден браник и истакнати насочувачи на воздухот, додека на задниот дел препознаваме нагласен заден спојлер и голем дифузер. Кабината добива специјален N управувач, спортски седишта и грст други спортски N-детали.

Дали со Ioniq 5 N, Hyundai ја менува играта кога станува збор за електрични хот-хеч автомобили? Дефинитивно, бидејќи отишле чекор понатаму од само помоќен електромотор и низа ситни измени – Ioniq 5 N е темелно-доработен спортски автомобил кој се надеваме дека ќе имаме можност да го повозиме!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.