Peugeot го најавува новиот E-3008 како „целосно-нов електричен фастбек“ и најавува дека целосно ќе го претстави во Септември – но истовремено стартува натпревар каде наградата е ексклузивно возење на новиот електричен SUV!
Натпреварот се вика Operation #Camocatch, а она кое треба да го направите е ако го уловите маскираниот E-3008, да го фотографирате и да го објавите на некоја социјална мрежа со вклучен хаштаг #CAMOCATCH и да го означите официјалниот профил на @Peugeot. Францускиот бренд ќе ги разгледа прикачените фотографии и шест среќни избраници ќе имаат можност да го возат целосно-новиот Peugeot E-3008 на неговата медиумска презентација на почетокот на следната година. Натпреварот започнува утре (15ти Јули) и ќе трае еден месец, односно сè до 15-ти Август.
Инаку, по сè изгледа дека новиот Е-3008 (и се надеваме и конвенционалниот 3008) ќе направи прилично радикален исчекор во однос на формата и филозофијата. Ако 3008 досега беше конвенционален SUV, тогаш новиот 3008 ќе биде подинамичен, купеовски автомобил на повисока подлога – нешто слично на одличниот нов 408. Формите се листи, лините се остри а различните површини се јасни и храбри. Препознаваме купеовска кровна линија (па затоа и описот Fastback) и остри предни и задни светла. Забележуваме и несекојдневни тркала – Peugeot започна да претставува комплексни и несекојдневни тркала со новиот 408 и очигледно тој тренд ќе го продолжи и со новиот 3008.
Од Peugeot не кажуваат каде точно ќе се движи камуфлираниот E-3008, но ако го видите – фотографирајте го, па можеби ќе се видиме на интернационалното претставување на новиот француски фастбек!