Koenigsegg игра по сосем други правила – Gemera има четири седишта, супер-напредни технологии и до 2300 коњски сили!
Кога Christian von Koenigsegg за прв пат ја претстави Gemera како концепт, најави дека ќе има простор за четворица и за нивниот багаж, но и дека ќе испорачува 1700 коњски сили.
Концептот користеше супер-напреден турбо-бензинец со три цилиндри и електромотор, но финалниот производ може да се добие со малиот турбо-бензинец кој Koenigsegg го нарекува Tiny Friendly Giant, или пак со 5-литарски твин-турбо V8 кој потекнува од супер-брзиот Jesko. Доколку одберете да ја нарачате вашатa Gemera со 5-литарскиот V8 (патем, таа доплата чини околу 400.000 Долари) тогаш вашиот мега-автомобил ќе располага со вкупно 2300 коњски сили и 2750 Nm вртежен момент.
Важен новитет тука е LightSpeed преносот кој сега е поставен обрано и од Koenigsegg го нарекуваат Light Speed Tourbillon Transmission. Tourbillon е вид на механизам наменет за супер-скапи швајцарски часовници, а со именувањето, Koenigsegg сака да ја направи асоцијацијата меѓу оваа техничка уметност и врвна прецизност и нивниот автомобил. Истовремено, инженерите на Koenigsegg развиле нов радијален E-Motor кој го нарекуваат Dark Matter.
Ова е првиот електромотор кој работи во шест фази и испорачува 800 коњски сили и 1250 Nm вртежен момент. Во комбинација со Tiny Friendly Giant, системската моќност е 1400 коњски сили и 1850 Nm вртежен момент – да, помалку од вкупната моќност со 5-литарскиот V8, но сепак не е за потценување, нели?
Плус, според Koenigsegg, Gemera опремена со TFG ќе може да забрза до 100 километри на час за само 1.9 секунди и да достигне максимална брзина од околу 400 километри на час. Преносот е кон сите тркала, со специјален систем за управување на сите тркала и распоредување на вртежниот момент. Ниту автономијата на струја не е за потценување – од Koenigsegg естимираат дека со полни батерии Gemera ќе може да помине околу 50-тина километри.
Производството ќе започне во 2024 а првите примероци ќе бидат испорачани во 2025. Најавено е дека ќе бидат произведени само 300 примероци.