ПРЕМИЕРА: Ferrari SF90 XX Stradale и Spider – Поекстремен, помоќен SF90! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ferrari SF90 XX Stradale и Spider – Поекстремен, помоќен SF90!

Новите XX близнаци на Ferrari добиваат надградена аеродинамика и ревидиран, помоќен погон за уште подобри, поекстремни перформанси!

Досега, моделите на Ferrari со XX ознака беа резервирани само за автомобили кои можеа да се возат само на тркачките патеки – но сега, со новиот SF90 XX Stradale (и кабриолетот Spider) за прв пат возило со XX ознаката ќе може легално да се вози и на улиците.

XX верзиите ќе ги препознаете по огромниот заден спојлер, но аеродинамиката е темелно ревидирана за да понуди импресивни 530 килограми потисна сила при брзина од 240 километри на час – импресивно, ако земеме предвид дека обичниот (колку што еден Ferrari може да биде обичен, нели) SF90 Stradale при истата брзина генерира 390 килограми потисна сила.

Аеро измените продолжуваат со подобрување на движењето на воздухот под автомобилот како и низ специјални канали под предниот поклопец. Покрај аеро-измените, тука се и естетските корекции кои вклучуваат редизајнирани предни светла и редизајниран подолг заден дел. Интересно, задните кружни светла се заменети со едноделен светлосен елемент.

Инженерите на Ferrari работеле и на намалување на тежината, па SF90 XX Stradale е полесен за (незначителни) 10 килограми во однос на стандардната верзија. Намалената тежина е благодарение на карбонските седишта и намалената тежина на моторот.

А кога сме кај моторот, 4-литарскиот хибриден V8 погон добива зајакнување за 30 коњски сили – па сега вкупната моќност е 1030 коњски сили. Моторот добива ревидиран систем за дишење и нијанса повисока компресија, а нијанса помоќни се и електромоторите кои сега испорачуваат вкупно 230 наместо 220 коњски сили.

Што значи сето тоа? Па, спринтот до 100 километри на час трае 2.3 секунди (подобрување во однос на 2.5 секунди кај SF90) и максималната брзина кај обете верзии (Stradale и Spider) е 320 километри на час. SF90 XX Stradale чини 770.000 Евра додека SF90 Spider чини 850.000 Евра. Stradale ќе биде произведен во 799 примероци а поексклузивниот Spider во 599 примероци – но (секако) сите се веќе продадени.

Поврзано:  Премиера: Ова е Ferrari F80!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.