ПРЕМИЕРА: Rafale е новиот знаменосец на Renault! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Rafale е новиот знаменосец на Renault!

Од Renault кажуваат дека новиот знаменосец е инспириран од авијацијата и дека името Rafale доаѓа од тркачки авион од 30-тите години.

Rafale (се чита Рафал, не Рафале) е базиран на CMF-CD платформата која ја дели со Austral (нашиот тест на Austral можете да го погледнете тука) и големиот Espace, но дизајнот е очигледно различен. Купеовската форма е агресивна и динамична, со широки тенки предни светлосни елементи и голема маска на ладилникот. Профилот е низок и заострен, а задниот дел е чист, со хоризонтални задни светла и нагласен заден браник. Секоја сличност со еден друг сличен француски автомобил е сосем случајна.

Од Renault напоменуваат дека Rafale дели механички гени со Austral, но дека ќе се нуди само со хибридни E-Tech погони. „Вовед“ во Rafale е самополнечкиот хибрид кој веќе се нуди кај Austral и Espace. Погонот комбинира 1.2-литарски турбо-бензинец со 130 коњски сили со електромотор, стартер-генератор и мала батерија со капацитет од 2 kWh. Вкупната, системска моќност е 200 коњски сили и 205 Nm вртежен момент.

Понатаму во понудата ќе биде додадена и верзија со високи перофрманси која ќе ја носи ознаката E-Tech 4×4. Ова ќе биде плаг-ин хибриден модел со 300 коњски сили која ќе добие уште еден електромотор задолжен за задните тркала. Ова ќе овозможи погон на сите четири тркала и подобри перформаси. Од Renault напоменуваат дека платформата во старт е развиена и прилагодена за уживање во возењето и дека комбинацијата од мултилинк суспензија на задната оска и 4Control Advanced управување на задните тркала ќе гарантираат вистинско задоволство.

Кабината е налик на онаа која веќе ја познаваме од Austral – а тоа значи голем 12.3-инчен дисплеј наменет за инструментите, како и вертикално поставен 12-инчен екран за мултимедијалниот уред. Сликата ја надополнува 9.3-инчен хед-ап дисплеј со висока резолуција. Секако, врвната изведба Esprit Alpine добива и спортски седипта обвиени во алкантара и шевови во боја на француското знаме.

Поврзано:  Renault Rafale пристигна во Македонија!

Интересен новитет е и Solarbay панорамскиот кров кој овозможува лесно затемнување или осветлување. Од Renault напоменуваат дека и покрај купеовската форма има повеќе од доволно простор како за главите, така и за колената на патниците на задната клупа. Не би требало да е проблем ниту багажниот простор – Rafale нуди дури багажник со капацитет од 647 литри.

Најавено е дека Rafale ќе се произведува во Шпанија, а ќе пристигне во салоните на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.