Италијанскиот бренд се подготвува да го додаде вториот целосно-електричен автомобил во својата гама – и тоа ќе биде новиот Fiat 600.
Според најавеното, новиот Fiat 600 ќе биде SUV алтернативата на електричниот Fiat 500e. Новиот кросовер ќе биде поставен на e-CMP2 платформата на Stellantis и ќе пристигне на пазарот на почетокот на 2024. На видеото кое го објави Fiat гледаме мал кросовер/SUV со 5 врати кој би требало да има слични димензии со 500X кој сè уште се нуди на пазарот. Дизајнерскиот јазик е сличен на оној кој дебитираше кај електричниот 500е.
На видеото го гледаме и ентериерот кој има слична архитектура како и 500e, но пристапот е нијанса позрел во однос на ретро-фантастичниот мал градски автомобил. Забележуваме широк екран на врвот на централната конзола, како и физички контроли за некои од функционалностите.
Според некои извори, новиот Fiat 600 би требало да биде замена како за 500X, така и за 500L. Сега за сега нема информации околу погоните, но со оглед на тоа дека се очекува Fiat 600 да биде технолошки сличен со Jeep Avenger, можеме да очекуваме дека во зависност од пазарот, италијанскиот SUV ќе се нуди како целосно-електричен автомобил, или пак како лајт-хибриден модел со 1.2-литарски турбо-бензинец.