Срцето на новиот LBX е хибриден погон кој комбинира 1.5-литарски атмосферски бензинец со електромотор и батерија, кој испорачува системски 136 коњски сили и 185 Nm вртежен момент.
Новиот мал супер-луксузен кросовер на Lexus е нијанса подолг од 4 метри, широк 1.8 метри и висок 1.5 метри. Меѓуоскиното растојание од 2580 милиметри ветува просторна кабина, а бидејќи се работи за Lexus можеме да очекуваме врвна изработка и супер-квалитетни материјали. На предниот дел доминира широката маска која е карактеристична за Lexus, додека на задниот дел вниманието оди кон едноделниот светлосен елемент кој стана потпис на јапонскиот луксузен бренд.
Lexus LBX ќе можете да го добиете со погон на предните или на сите четири тркала, а без разлика на тоа каков погон ќе одберете ќе добиете CVT автоматски менувач.
Задолжен за задвижување на LBX е хибриден погон кој комбинира трицилиндерски 1.5-литарски атмосферски бензинец со електромотор и батерија за вкупно 136 коњски сили и 185 Nm вртежен момент. Сето ова му овозможува да забрза до 100 километри на час за 9.2 секунди.
LBX добива целосно-дигитална инструмент-табла со дисплеј од 12.3 инчи, како и централно-поставен инфозабавен уред со дијагонала од 9.8 инчи. Мултимедијалниот уред има поддршка за Apple CarPlay и Android Auto, а аудио уредот so 13 звучници и сабвуфер доаѓа од експертите од Mark Levinson.
Lexus ќе нуди неколку различни моделски изведби на LBX кои ги нарекува „атмосфери“ – ќе бидат достапни Elegant и Relax кои се фокусирани на рафинираност, додека Emotion и Cool имаат поспортски, подинамичен карактер. Според Lexus, секоја „атмосфера“ е дизајнирана имајќи различни купувачи на ум.
Новиот LBX ќе биде достапен за европските купувачи во текот на оваа година.