Супер-ексклузивниот Golf R 333 Limited Edition е на самиот врв на понудата на незаменливиот Volkswagen Golf.
„Golf R има култен статус“ – кажуваат од Volkswagen и додаваат дека од 2002 нарачани се повеќе од 250.000 примероци од знаменосецот на понудата. Новиот Golf R 333 е на самиот врв на понудата, а тоа е благодарение на надградениот 2-литарски TFSI турбо-бензинец кој испорачува 333 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Секако, сета таа моќ преку автоматски менувал ја испорачува кон сите четири тркала.
Специјалниот Golf ќе се нуди во Lime Yellow Metallic боја, а црните детали околу автомобилот ја истакнуваат ексклузивноста. Дополнително, секој примерок ќе добие нумерирана значка поставена пред совозачот. Секако, Golf R 333 ќе биде целосно опремен – добива LED Matrix предни светла, адаптивен темпомат, цело чудо други играчки но и моќен Harman Kardon аудио систем со максимална моќност од 480 Вати.
Сите примероци ќе добијат 19-инчни Estoril тркала во црна боја, обвиени во полу-мазни пневматици. Ќе добијат и R Performance издувен систем изработен од експертите од Akrapovic, а максималната брзина е подигната на 270 километри на час. „Стотка“ пристигнува за само 4.6 секунди – се сеќавате кога тие времиња беа резервирани за егзотични супер-автомобили од Италија?
Нарачките ќе започнат на 2ри Јуни а производството ќе започне во Септември. Првите испораки ќе започнат во Октомвр а Volkswagen планира посебен настан за купувачите кој ќе го организира во рамките на Autostadt комплексот во Wolfsburg.
Како што рековме, ќе бидат произведени само 333 примероци а цената (во Германија) ќе биде 76.410 Евра.