Големиот Range Rover добива надграден хибриден V8 со 615 коњски сили и SV Bespoke програма за персонализација! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Големиот Range Rover добива надграден хибриден V8 со 615 коњски сили и SV Bespoke програма за персонализација!

Британскиот производител на супер-луксузни возила подготви технолошко освежување за својот знаменосец кој во врвната изведба добива лајт-хибриден V8 со преку 600 коњски сили!

Најважниот технолошки новитет е во форма на 4.4-литарски твин-турбо V8 кој добива и лајт-хибриден систем кој успева да складира енергија произведена при сопирање и успорување, за потоа да ја искористи при забрзување. Според официјалните информации кои пристигнаа од Range Rover, овој погон испорачува моќни 615 коњски сили и 750 Nm вртежен момент и ќе биде достапен само кај врвниот Range Rover SV.

За оние кои сакаат да возат на електрична енергија, тука е плаг-ин хибридниот Range Rover кој може да се добие во две различни варијанти – P460е и P550e. Погодувате, овие две верзии имаат по 460, односно 550 коњски сили. Овој погон комбинира 3-литарски турбо-бензинец со шест цилиндри во линија со електромотор кој испорачува 220 коњски сили, како и батерија со капацитет од 38.2 kWh благодарение на која двете верзии можат да поминат 120 километри на струја.

Во кабината, новиот Range Rover го добива најновиот, надграден Pivi Pro мултимедијален систем кој користи голем 13.1-инчен централно-поставен лебдечки екран. Новиот Pivi Pro доаѓа со Amazon Alexa гласовен асистент. Истовремено, Range Rover го добива и новиот Dynamic Response Pro систем кој дебитираше кај Range Rover Sport. Овој систем овозможува подобра контрола на навалувањето во свиоци. За теренско воздење, новиот Range Rover добива адаптивен теренски темпомат како дел од Terrain Response 2 системот – овој систем има четири различни режими и му овозможува на возачот само да управува околу или над препреките.

И за оние кои сакаат нешто навистина специјално, тука е новата SV Bespoke услуга за посебни и скапи возила. Оваа услуга е наменета за оние купувачи кои сакаат длабински да го персонализираат својот супер-луксузен SUV. На нив ќе им бидат достапни дури 391 различна боја за материјалите, како и 230 различни избори за боја на екстериерот – од сатенски до супер-сјајни бои.

Услугата ќе нуди и персонализирани значки на поклопецот на моторот и петтата врата кои ќе можат да се изработат од секакви материјали – вклучувајќи и 24-каратно злато! Тоа не е доволно? Од Range Rover потсетуваат дека Paint to Sample услугата може да ја испорача било која боја, која клиентот ќе ја посака.

SV Bespoke услугата е процес од седум чекори преку кој купувачите ќе можат да изберат сè – од бои, до материјали, облоги, различни теми и персонализации и многу, многу повеќе. Сега за сега, оваа услуга е достапна само за врвните Range Rover SV и Autobiography.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.