Електричниот седан на Tesla добива пакет наменет за тркачките патеки, а вклучува надградени сопирачки и пневматици со високи перформанси, но и максимална брзина од 320 километри на час!
Сакате вашиот Model S Plaid да биде уште побрз? Tesla го има одговорот за вас. Со новиот Track Package (кој патем чини од „само“ 15.000 долари) максималната брзина расте на 200 милји на час, односно 322 километар на час. Секако, не е само тоа – па Model S Plaid Track Package добива и ковани алуминиумски тркала, пневматици со високи перформанси, подобра течност за сопирачките и целосно надграден систем за сопирање.
Сопирачките добиваат нови, ковани шепи и плочки за сопирање со високи перформанси – со цел да се постигнат подобри тркачки перформанси кај електричниот седан. Нови се и дисковите за сопирање кои користат врвни хај-тек материјали и имаат уникатен начин на изработка што пак овозможува подобро сопирање и подобро справување со високите температури. И предните и задните дискови се со дијаметар од 410 милиметри. Предните шепи имаат 6 клипови, задните 4.
Понатаму, Model S Track Package добива 20-инчни Zero-G тркала кои се обвиени во Goodyear Supercar 3R пневматици во димензии 285/35-RR20 на предните тркала, односно 305/30-R20 на задните тркала.
Надградби добива и софтверот кој овомозжува подобро подготвување на батеријата како и специјален режим за ладење на батеријата по агресивно возење. Како што веќе споменавме, максималната брзина е качена на 322 километри на час, а воздушната суспензија е калибрирана за поголема стабилност при високи брзини.