ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави освежениот 2008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави освежениот 2008!

Освежениот бестселер на Peugeot добива нов лик, нови технологии и нови хибридни погони, а електричниот e-2008 добива и повеќе моќност и подобрена автономија

Компактниот кросовер на Peugeot од неговото лансирање е еден од најпродаваните модели во Европа, па токму затоа францускиот бренд одлучи да му посвети навистина многу внимание и темелно да го освежи.

Визуелните измени започнуваат со редизајнираниот преден дел кој добива дизајн инспириран од новиот 408. Препознаваме редизајнирана предна маска на ладилникот која го носи новото лого на Peugeot, како и редизајниран преден браник со поголеми отвори за воздух. Редизајнирани се и светлосните елементи, како и LED дневните светла кои сега имаат три вертикални елементи наместо еден како кај досегашниот 2008.

Профилот е неизменет, но освежениот 2008 добива нови дизајни за тркалата (достапни во димензии од 16 до 18 инчи) и особено се интересни новите Evissa тркала кои се достапни како опција кај GT изведбите. Достапни се и нови бои, меѓу кои е и новата Selenium Grey. На задниот дел препознаваме нови задни светла со редизајнирана графика и хоризонтално-поставени LED елементи, како и нов, редизајниран заден браник.

Сите изведби на освежениот 2008 добиваат нов, централно поставен 10-инчен мултимедијален екран (досега првите две нивоа на опрема добиваа 7-инчен дисплеј) преку кој се контролираат клима-уредот, радиото, телефонот и останатите функционалности. GT-изведбата на 2008 го добива иновативниот 3D i-Cockpit дигитален дисплеј за инструментите.

Кабината добива и надградени технологии – како на пример помоќен бежичен полнач за мобилен телефон, нови паркинг-камери со висока резолуција, како и цела гама на системи за безбедност и асистенција. Peugeot воведува и нови функционалности вo MyPeugeot апликацијата за мобилен телефон која сега овозможува да имате дигиални копии од фактурите за одржување на вашето возило, како и да испратите испланирана рута за навигација од вашиот телефон во автомобилот.

Е сега веќе можеме да зборуваме за погонските опции. Освежениот Peugeot 2008 го добива новиот 48-волтен хибриден погон кој комбинира PureTech мотор со 136 коњски сили од најновата генерација со електрифициран 6-степен автоматски менувач со двојна спојка. Благодарение на батеријата која се дополнува во движење, овој погон ветува намалена потрошувачка за до 15% во однос на нехибридната варијанта и во урбани услови на возење кросоверот на Peugeot може да помине до 50% на електрична енергија.

Поврзано:  ТЕСТ: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT - Поинаков SUV.

Инаку, и понатаму се достапни добро-познатите конвенционални турбо-бензински и турбодизел мотори. 1.2-литарскиот PureTech е достапен во изведби со 100 или 130 коњски сили, а тука е и 1.5-литарскиот BlueHDI со 130 коњски сили. Основниот бензинец може да се добие само со 6-степен мануелен менувач, додека помоќниот е достапен со мануелен менувач или пак 8-брзински автоматски менувач. Турбодизелот е достапен само со автоматски менувач.

Секако, надграден е и електричниот Peugeot e-2008. Електричниот кросовер добива нов електромотор кој сега испорачува 156 коњски сили, како и нијанса поголема батерија со капацитет од 54 kWh. Комбинацијата од поефикасен мотор и поголема батерија гарантира подобри перформанси како и подобрена автономија – ако досега електричниот е-2008 можеше да помине до 345 километри според WLTP мерењата, новиот ќе може да помине до 406 километри (повторно, според WLTP).



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.