Големиот SUV на Hyundai има амбиции да се замеша во премиум сегментот и благодарение на моќниот, рафиниран и ефикасен хибриден погон успева да го постигне токму тоа.
Santa Fe е вистински глобален модел на корејскиот производител – се нуди на сите континенти и секаде каде се нуди е одлично прифатен од купувачите. Но со оглед на нагорната траекторија на Hyundai и нескриените амбиции да се замеша во повисоките сегменти, дали токму Santa Fe е моделот кој ќе успее најлесно да се пробие меѓу конкуренцијата?
Освежениот Santa Fe има целосно-нов лик, но и препознатливо-доминантна SUV форма
Технички, моделот за кој зборуваме денес е фејслифт на Santa Fe, но прилично екстензивен. Со освежувањето, Santa Fe доби целосно нов лик со поширока предна маска на ладилникот и предни светлосни елементи кои се наредени еден врз друг. Особено интересен детал ни се дневните светла кои се во форма на буквата Т, но се хоризонтално пресечени па едниот дел е над главните светла додека другиот дел е интегриран во нив.
Профилот е карактеристичен за SUV, но неизбежна е големината на Santa Fe. Големите 19-инчни тркала одлично му прилегаат на големиот SUV, а не би имале против ниту да се број-два поголеми.
Карактерната линија оди над рачките од вратите, што пак визуелно го прави Santa Fe да биде подинамичен, додека декоративните елементи во сребрена боја во долниот дел на вратите ги прекршуваат рамнините кои инаку би биле малку здодевни.
Задниот дел добива редизајнирани задни светла кои сега се споени со хоризонтален елемент, како и редизајниран заден браник со декоративни лајсни во сребрена боја. Има и други интересни детали – на пример, приказната за практичен SUV ја дополнуваат кровните носачи, а одлично изгледа и големиот спојлер на петтата врата.
Просторна, светла и опулентна кабина
Ја отвораме возачката врата и нè пречекува просторна, опулентнта и комфорна кабина. Изборот за бела кожа во кабината е привлечен, но можеби не и најпрактичен. Сепак, нема ниту за момент да негираме дека ова се меѓу најкомфорните седишта во кои сме седнале – сепак, обвиени се во супер-мека кожа!
Со кожа е обвиена и конзолата пред возачот и совозачот, а со превртена кожа се обвиени страничните столбови и кровот. Всушност, во целата кабина преовладува чувство на луксуз. Многу внимание е посветено на материјалите и на сè што ќе допрете додека сте во Santa Fe – и токму затоа кажуваме дека амбициите на Hyundai да се вмеша во премиум сегментот се одлично истакнати токму кај големиот SUV.
Инаку, пред возачот се поставени дигитални инструменти (на 12.3-инчен екран) кои ги покажуваат сите важни информации. Во зависност од режимот на возење, се менува и приказот, секако. На централната конзола е поставен уште еден екран (овој со дијагонала од 10.25 инчни) преку кој се контролира мултимедијалниот уред, итн.
Под овој екран се поставени физичките копчиња за контролирање на мултимедијата, клима уредот, загревањето и другите функционалности. Конвенционалната рачка за менувачот е заменета со копчиња, а веднаш до селекторот за пренос е кружниот селектор за режимот на возење. Навистина е убаво кога возиме автомобил во кој нема „празни“ копчиња.
Инаку, простор во кабината има многу. Навистина многу. Возачката позиција е висока и прегледна и дава некакво аристократско чувство. Околу возачот и совозачот има мал милион места за одлагање дребулии, итн.. Многу простор има и на задната клупа. Тука комфорно ќе се сметат и тројца патници, дури и кон подалечни дестинации. Секако, голема улога игра и големиот стаклен кров кој дозволува многу светлина да влезе во кабината.
Секако, Santa Fe ги има сите играчки кои ги очекуваме кај еден ваков голем SUV. Од сите системи за асистенција во возење и при паркирање, камери, сензори, па сè до одличниот аудио-уред од потпишан од реномираниот производител Krell.
Багажникот е пештера – достапен преку голем и правилен отвор, со исправени задни седишта нуди капацитет од 634 литри. Преклопете ја задната клупа и ќе имате на располагање дури 1704 литри.
Хибридниот погон ветува врвна ефикасност и повеќе од задоволителни перформанси.
Е сега, ајде малку за погонот. Хибридниот погон кој го придвижуваше „нашиот“ Santa Fe комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 180 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 265 Nm вртежен момент од 1500 вртежи во минута со батерија со капацитет од 1.49 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 60 коњски сили и 264 Nm вртежен момент.
Вкупната, системска моќност е одлични 230 коњски сили и 350 Nm вртежен момент – сосем доволни да го лансираат 1900 килограми тешкиот SUV до 100 километри на час за 9.1 секунда, како и да му овозможат да достигне максимални 187 километри на час.
Но всушност, вистинските таленти на хибридниот погон се препознаваат во рафинираноста на целиот систем – Santa Fe лесно се движи на струја и го прави тоа тивко и смирено. Дури ни кога ќе „живне“ турбо-бензинецот не се чувствуваат несакани вибрации. Нема пенали ниту на бензинските станици – за време на неколкудневното тестирање измеривме градска потрошувачка од околу 7 литри на 100 изминати километри – импресивна потрошувачка за SUV со овие димензии. На отворено измеривме потрошувачка од 8.1 литри на 100 изминати километри при константна брзина од 120 километри на час.
Santa Fe нема спортски амбиции – и е подобар поради тоа!
Инаку, неизбежен е фактот дека Santa Fe е голем SUV кој нема спортски амбиции. И не би ни требало да ги има, ако сме искрени. Santa Fe е дизајниран да биде голем, комфорен, безбеден и тивок крстосувач кој и покрај неговите димензии лесно ќе се снајде во градскиот метеж и истовремено ќе голта километри на отворен пат. Суспензијата беспрекорно ги филтрира нерамнините од нашите улици, а дури ни напуштање на асфалтот не е исклучено.
Всушност, Santa Fe успеа да нè импресионира со својата подготвеност да се соочи со скоро секакви ситуации и притоа тоа да го направи нудејќи комфор на кој многу од конкурентите можат само да позавидат.
Хибридниот погон го прави дизелот непотребен, а големиот SUV на Hyundai успеа да нè импресионира.
И тука некаде ќе ја привршиме дискусијата за Santa Fe. Големиот SUV на Hyundai успеа да нè изненади и да нè импресионира бидејќи од една страна не се обидува да биде нешто што не e, а од друга страна цели многу, многу високо. Вистинско уживање е да се седи во кабината на Santa Fe, а хибридниот погон е само дополнителен бонус. Перформансите кои ги нуди, во комбинација со ефикасноста на хибридниот погон прават дизелот да биде едноставно депласиран и непотребен. Полн погодок!
Спецификации
Модел: | Hyundai Santa Fe Hybrid Ultimate Lux |
Погон: | 1.6-литарски турбобензинец, 4 цилиндри |
Моќност (МВС): | 180 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент (МВС): | 265 Nm / 1500 вртежи во минута |
Моќност (Електромотор): | 60 коњски сили |
Вртежен Момент (Електромотор): | 264 Nm |
Системска Моќност: | 230 коњски сили / 6000 вртежи во минута |
Системски Вртежен Момент: | 350 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
0-100 км/ч: | 9.1 секунда |
Максимална Брзина: | 187 километри на час |
Должина: | 4785 mm |
Ширина: | 1900 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1710 mm (без кровни носачи) |
Тежина: | 1900 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2765 mm |
Багажен Простор: | 634 – 1704 литри |
Потрошувачка: | 7.4 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Hyundai Santa Fe 2.2 CRDI GSL Premium – 58.200 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Hyundai Santa Fe 1.6 T-GDI Hybrid Ultimate Luxury – 65.200 Евра |
Повеќе Информации: | Hyundai-mk.mk |