Рико Вуков ќе тестира на легендарниот Силверстоун! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Рико Вуков ќе тестира на легендарниот Силверстоун!

Откако возеше на Валелунга и Имола, Рико заминува во Обединетото Кралство каде ќе тестира на легендарната Ф1 патека – Силверстоун!

„Заминувам за Силверстоун со желба да направам што е можно повеќе километри во автомобилот, со што ова ќе биде мојата најголема подготовка во еден зимски период. Досега најмногу работев на физичката страна, но нема ништо подобро од минување на повеќе километри со возилото, осознавање на тајните на една патека и разговорот со инженерите кои работат на штелувањето. Чувството дека сме успеале да ги унапредиме перформансите и да постигнеме време во еден круг што е за две три десетинки побрзо, ни дава крилја за потоа да се обидеме да направиме уште еден чекор.“ – изјави Рико.

Тестирањето во Силверстоун ќе се случи во вторник и ќе биде во приватна режија на тимот, додека претходниот настан во Имола беше официјален тест за сите учесници во Суперкуп.

„Моето време во Имола лани ќе ми донесеше пол-позиција во Карера Куп Италија, но оваа година видов дека има возачи и тимови кои можат уште повеќе. Конкуренцијата е феноменална, освен 27 возачи кои се ангажирани од екипите учеснички, целогодишен ангажман од страна на фабриката ќе добие и поранешниот Ф1 пилот Тимо Глок. Преведено во пракса, две три десетинки можат да значат пет места на стартот, така што фактот дека сум во иста секунда со најдобрите веќе не ме радува како порано. За жал во Силверстоун ќе имаме само еден ден, а не два како во Имола, но ќе се обидеме да поработиме и на квалификациски сет ап, како и на симулација за трка.“ – Додаде Рико пред заминувањето во Обединетото Кралство.

Најдобрите возачи од Порше Карера Куп Италија ќе бидат дел од новата сезона на Порше Суперкуп, а тоа се ланскиот победник Џанмарко Кварезмини, Џорџо Амати и претходниот италијански шампион Симоне Јакинта, додека Киган Мастерс сега ќе му биде тимски колега на Вуков, заедно со Рикардо Пера. Покрај Тимо Глок, во ростерот на возачи ќе биде и мотоциклистичкиот ас, трикратниот светски првак Хорхе Лоренцо.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche ги претстави новите 911 GT3 и 911 GT3 Touring!

Календарот за 2023 година предвидува осум трки, од кои првата е на автодромот во Имола на 21-ви Мај.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.