Новата Ford Kuga веќе добро ја познаваме, но каков впечаток остава во комбинација со автоматски менувач и 2-литарски турбодизел?
Ова не е прв пат да седнеме зад управувачот на тековната Ford Kuga – всушност, пред точно една година го објавивме тестот на Kuga ST-Line опремена со 1.5-литарски EcoBoost турбо-бензинец со 150 коњски сили и мануелен менувач. Уште тогаш бевме импресионирани од традиционалние вредности на Ford – привлечен дизајн (особено во ST-Line опрема и сите спортски додатоци кои ги вклучува), опремена кабина, моќен турбо-бензинец и управливост на самиот врв на класата.
Ова е Kuga која веќе добро ја познаваме!
Сега – една година подоцна – повторно сме зад управувачот на Kuga, но овој пат во малку поинаква, поекономична изведба. Повторно сме зад управувачот на Kuga ST-Line, но овој пат во името има суфикс X кој нагласува уште побогата опрема.
На пример, покрај веќе богатата ST-Line опрема, Kuga ST-Line X добива LED предни светла и еден куп други додатоци.
Плус, тука се одличните 18-инчни фелни (кои за волја на вистината, би изгледале уште подобро ако се број-два поголеми) и спортските ST-Line браници, прагови и заден спојлер. Сè на сè – ставот на Kuga е динамичен и дури би рекле и купеовски благодарение на острите столбови и нагласениот спојлер.
Оплеменета, богато-опремена и супер-практична кабина со многу, многу опрема!
Дополнително е оплеменета и кабината – покрај спортските седишта и спортскиот управувач, нашиот тестен модел дојде и со Winter Pack кој вклучува греење на седишта, загревање на управувачот и загревање на ветробранското стакло.
Секако, тука е и одличниот SYNC3 аудио уред со безжично поврзување со мобилен телефон, но особено ќе го пофалиме моќниот B&O аудио уред со 10 звучници – звучи навистина одлично!
Инаку, ова е кабината на Kuga која веќе добро ја познаваме. Просторна, комфорна и практична. Возачката позиција е висока и прегледна, околу предните седишта има многу места за одлагање дребулии а на задната клупа комфорно ќе седнат двајца патници.
Командите се лесни и разбирливи и повторно со задоволство ќе истакнеме дека за многу од контролите се користат конвенционални физички копчиња и тркалца – многу, многу попрактично за секојдневно користење од „лутањето“ низ милион менија и под-менија на дигиталниот екран.
Некакви посебни забелешки немаме. Некои од пластиките во пониските предели се поцврсти од она кое би сакале, а би сакале и малку повеќе поддршка на долниот дел од седиштата – но навистина, тоа е тоа.
Изненадувачки еластичен 2-литарски турбодизел!
Е сега, ајде малку и за моторот. Нашиот тестен модел дојде опремен со 2-литарски TDCi турбодизел кој испорачува 120 коњски сили при 3500 вртежи во минута и одлични 340 Nm вртежен момент од само 1550 вртежи во минута. Силата се испорачува кон предните тркала преку одличен 8-степен автоматски менувач и сето тоа резултира со забрзување до 100 километри на час за 11.6 секунди и максимални 180 километри на час.
На хартија тоа можеби и не делува како особено брзо, но реалноста е дека 2-литарскиот турбодизел подготвено одговара на секое притискање на педалата за гас и Kuga забрзува линеарно и неуморно. Секако, тука свој придонес има и 8-брзинскиот автоматски менувач кој мазно и неприметно ги менува брзините.
Придобивки има и на бензинските пумпи, секако – за време на неколкудневното тестирање измеривме потрошувачка од едвај 7 литри на 100 изминати километри – повеќе од импресивно со оглед на големината на Kuga. На отворен пат лесно ќе го најдете идеалното темпо а потрошувачката дискретно ќе ја надмине бројката од 6 литри дизел на 100 изминати километри.
Kuga и понатаму е еден од најдинамичните SUV модели во сегментот
Секако, бидејќи се работи за Ford, Kuga импресионира и во свиоците. Всушност, тврдиме дека Kuga е еден од најдинамичните SUV модели во сегментот. И минатиот пат рековме, и сега ќе повториме – Kuga не вози како SUV, туку чувството зад воланот е повеќе како да сте во спортски хечбек. Да, се чувствува нијанса поголемата маса во предниот дел поради потешкиот турбодизел, но разликата не е драстична а Kuga самоуверено ја менува насоката на движење.
И всушност, повторно сме импресионирани од Kuga. Инженерите на Ford знаат што прават кога станува збор за нагодување на подвозјето, моторот испорачува доволно моќност за секојдневно користење и притоа е супериорно-економичен, а Kuga ги исполнува сите семејни обврски без приговор. Во време кога дизелите како да одат во заборав, убаво е да се потсетиме на онаа докажана комбинација од комфорен семеен SUV (кој патем може да биде и изненадувачки динамичен) и тивок, рафиниран и економичен турбодизел. Ваквите комбинации ќе ни недостасуваат во иднина.
Спецификации
Модел: | Ford Kuga 2.0 TDCi 120 FWD A8 ST-Line X |
Мотор: | 2-литарски турбо-бензинец |
Моќност: | 120 коњски сили / 3500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 340 Nm / 1550 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
0-100 км/ч: | 11.6 секунди |
Максимална Брзина: | 180 километри на час |
Должина: | 4614 mm |
Ширина: | 1883 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1660 mm |
Тежина: | 1640 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2710 mm |
Багажен Простор: | 435 – 1534 литри |
Потрошувачка: | 7.2 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Ford Kuga Titanium 1.5 EcoBoost FWD M6 – 32.900 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Ford Kuga 2.0 TDCi 120 FWD A8 ST-Line X – 52.200 Евра Напомена: Во моментот на објавување на овој тест, акциската цена за Kuga ST-Line X e 44.500 Евра. |
Повеќе Информации: | Ford.mk |