Автомобилот кој е избран за Автомобил на Годината во Обединетото Кралство – целосно-електричниот MG4 – пристигна во салонот на MG во Скопје!
Целосно-електричниот хечбек на MG пристигна во салонот во Скопје. Електричниот MG4 EV е развиен за глобалниот пазар, но примарниот фокус е токму на европскиот пазар и европските купувачи. MG4 веќе се закити со неколку престижни награди, меѓу кои и наградата за Автомобил на Годината за 2023 во Обединетото Кралство.
MG4 се нуди со батерија со капацитет од 51 kWh и електромотор со моќност од 170 коњски сили, или пак со батерија со капацитет од 64 kWh и електромотор со моќност од 204 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Оваа верзија има автономија од околу 450 километри според WLTP мерењата.
Силата се пренесува кон задните тркала, а во зависност од конфигурацијата може да се полни со максимални 117 односно 135 kW на брз DC полнач.
На нашиот пазар во моментов се нудат Standard и Comfort нивоата на опрема, а за Септември се најавува и врвно-опремениот Luxury. Цените започнуваат од 33.900 Евра.
Секако, наскоро ќе го имаме електричниот MG4 на тест, па ќе ги пренесеме нашите впечатоци. За повеќе информации посетете ја официјалната веб-страница на MG Motor Македонија, или пак салонот во рамките на Гранд Ауто (Ми-Да Гранд Моторс) во Скопје.